72 години слободен Охрид
72 години слободен Охрид. Со низа свечености општина Охрид и сојузот на борците од НОБ ја одбележаа 72 годишнината од ослободувањето на градот. „Верувам дека ние како генерација не само што ќе го сочуваме аманетот на нашите предци за слободна и независна Македонија, туку со својата работа и посветеност ќе успееме Македонија да ја ставиме во редот на просперитетни држави, чиј најскапоцен бисер е и ќе биде Охрид, истакна градоначалникот Бакрачески.
72 генерации растат во слободна Македонија и Охрид, благодарение на хероите од НОБ, благодарение на хероите од епската четиригодишна борба, истакна градоначалникот Никола Бакрачески на свеченоста по повод ослободувањето на Охрид. Бакрачески рече дека имињата на Јасна Ристеска, Вељан Најдовски, Момчило Јорданоски, Петре Секулоски, Јоне Дескоски и уште плејада млади партизани кои ги положија своите животи за слободен Охрид, се вечно врежани во колективната меморија на охриѓани, како едни од најголемите херои кои ги дал овој град во својата историја.
„Овој датум е посебен не само како ден кога Охрид за прв пат ја почуствувал слободата, туку и како ден кога за прв пат се валоризирани сите напори на Македонскиот народ низ историјата за своја национална држава. Започнувајќи со формирањето на Македонската Револуционерна Организација на 23 октомври во 1893, преку Илинденската епопеја од 1903, ослободителната војна од 1941 -1945 и завршувајќи со реферундумот за самостојна Македонија од 8 Септември 1991, се заокружува историската цел за слободна, независна и самостојна држава“.
На свечената седница по повод ослободувањето на Охрид, градоначалникот Никола Бакрачески на реномираниот адвокат Тома Фила, кој 50 години ги помина во служба на правдата, му додели благодарница за промовирање и афирмација на градот низ целиот свет. Многу е убаво да се биде Тома Фила денес, овде, и во овој град, истакна Фила. Додаде дека во Охрид доаѓа од неговата 12 годишна возраст и денешното признание за него претатавува огромна чест и задоволство.
„Јас сум македонец во Србија и горд сум што сум македонец и денес дами и господа, другари и другарки татко ми беше партизан, сите ние сме македонци и тоа мора да го знаеме и овде и било каде низ светот каде што не има. Затоа ви се заблагодарувам усште еднаш. Голема е чест некој да ти признае и каже убаво за тебе за сите задоволства кои ги имав ширејќи ја идејата на Македонија а посебно на Охрид“.
Свечената седница беше збогатена со културно уметничка програма.
Инаку, денес делегации на Општина Охрид, Сојузот на борците, политичките партии и невладините организации положија свежо цвеќе и на спомен обележјето на Јасна Ристеска, каде се одржа и панихида и настапија дечињата од детската градинка која го носи нејзиното име.
Свежо цвеќе делегациите положија на Споменикот на паднатите борци во градските гробишта, на споменикот на Петре Пирузе пред Основниот суд, споменикот на Мите Богоевски пред СОСУ „Св.Кирил и Методиј“, како и спомениците на Андон Дуков и Спас Банџов во градскиот парк.