Силен ветер го зафати Охрид
Синоќа и денес силен ветер го зафати охридско струшкиот регион. Зад себе остави испокршени гранки, паднати дрвја, искина проводници од електрични столбови а дел од мештаните на неколку села останаа и без електрично напојување. Во Горенци паднал еден електричен столб така што делови од ова село останаа без струја, информираа од ЕВН. Нивните екипи биле мобилизирани на терен и делувале онаму каде што граѓаните пријавуваат дефект.
Жителите на Требеништа ноќта ја поминаа без струја. Утринава како што тврдат мештаните биле испопаднати неколку дрва и гранки, а исто така и електрични столбови. Причина за тоа е силниот ветер кој што синоќа го зафати охридскиот регион, вели Атанас Ковачески, портпаролот на ЕВН. Тој дополнува дека прекини во снабдувањето со струја имало и во Горенци односно индустриските објекти во негова близина, мал дел од село Лабуништа и Дрмени, но проблемот бил решен, екипите успеале да ги отстранат дефектите.
„Останува уште да се пушти електрична енергија за дел од корисниците во село Стење, каде што имаше и прекини во снабдувањето со електрична енергија. Значи утринските прекини со снабдување со електрична енергија веќе се решени остануваат некои изолирани корисници. Она што како нови проблеми се јавија од силниот ветер и одлетувањето на гранки дојде до кинење на проводници се дел од населба Рача, село Велестово“.
Ковачески пренесува дека екипите на ЕВН, постојано се на терен и се упатуваат на местата на кои укажуваат нивните корисници. Додава дека најчесто се пријавуваат дефекти поради киниње на проводници, а само во селото Горенци бил паднат електричен столб. Ковачески вели дека нивните стручни тимови постојано ги заменуваат старите електрични столбови.
„Столбовите се заменуваат, старите бетонски столбови со нови бетонски столбови и старите дрвени со нови бетонски. Таа промена се прави секоја година, секаде каде што се забележува се маркираат столбовите кои што се проблематични, но знаете дека секоја година има лизгање на земјиштето од поројни дождови и ред други работи па може некој од тие такви столбови да биде нарушена неговата стабилност “
При вакви силни ветрови кои можеби достигнуваат брзина над 100 км на час, вообичаени биле ваквите проблеми во снабдувањето со електрична енергија, вели Ковачески. Но според него за среќа тие прекини биле кратки.