Охридските овоштари имаат потреба од стручни совети во фитосанитарната заштита на овошките
Охридските овоштари имаат потреба од стручни совети во фитосанитарната заштита на овошките.
Овоштарите од охридско имаат потреба од стручна едукација во областа на фитосанитарната заштита на растенијата. Тоа ги вклучува и насадите со цреши и јаболка. Во рамките на Твининг проектот на Европска унија италијански експерти ги пренесоа искуствата. Тие во соработка со македонските фитосанитарни инспектори од Факултетот за земјоделство и шумарство и охридското здружение „ Охридска черешна 2015“ организираа трибина за интергирано производство.
„Ние сме збунети од климатските промени. Не секогаш успеваме на време да реагираме со соодветни препарати или примена ако одиме без совети од стручни лица. За жал добар дел од нашите земјоделци тешко користат совети од стручни лица и ни се добредојдени предавања на повисоко стручно ниво“, кажува Ванчо Стојаноски од Здружението „Охридска черешна 2015“.
Многу е важна употребата на хемиските производи во земјоделието, а интегрираната заштита на растенијата е задолжителна во сите земји на Европската унија од 2014 година. Тоа значи заштита на растенијата со комбинирана употреба на хемиски, други начини и заштитни средства.
Денес има софистицирани препарти и со совети на стручни лица и со помалку третмани што е битно за помала деградација на животната средина, наши помали издатоци и поголем квалитет на цреша да дојдеме до посакуваниот квалитет “, напоменува Стојаноски.
Во охридско во последните години се зголемува производството на цреши и се подигаат се повеќе насади со цреши. Во последните години овие насади се 10 кратно зголемени и изнесуваат околу 100 хектари. Во охридското здружение „Охридска черешна 2015“ има производители кои одгледуваат цреша на 26 хектари. Покрај производителите на цреша ваква стручна едукација е потребна и за производителите на јаболко и лозови насади.