Охрид по декември ќе ја добие грижата која ја заслужува, порача од Охрид Шекеринска
Охрид по декември ќе ја добие грижата која ја заслужува. Веќе е направена стратегија за развој на активниот туризам во која акцент ќе се стави на зачувувањето на културното богатство. Ќе ја укинеме партиципацијата и ќе обезбедиме бесплатно болничко лекување за сите граѓани. Ова се само дел од мерките кои Радмила Шекеринска ги спомна при посетата на Охрид и средбата со граѓаните.
Радмила Шекеринска, носителот на кандидатската листа на СДСМ во 5-та изборна единица, денес меѓу охриѓани. Таа порача дека Охрид е македонскиот туристички центар и по декември ќе ја добие грижата која ја заслужува. Кажа дека веќе е направена стратегија за развој на активниот туризам, во која, акцент ќе се стави на зачувувањето на културното богатство и враќањето на сјајот на балканскиот бисер.
Преземаме обврска во нашиот план за живот во Македонија во Охрид да ги заштитиме сите негови богатства, споменици кои се од значење за целата земја. Со страв и вознемиреност ги слушаме вестите дека местото на Охрид во УНЕСКО е загрозено. Преземаме обврска да ги заштитиме Охрид и Охридското Езеро и околината од криминалните проекти кои го ставаат под знак на прашање неговото место во УНЕСКО. Имаме план кој подразбира инвестиции во заштита на вистинското културно богатство. Планираме да донесеме нов закон за заштита на спомениците во Македонија, кој ќе ја содржи целата листа на вистински културни богатства и тоа ќе значи финансиска обврска на државата тие културни богатства да ги чува и предаде на следните генерации, рече Шекеринска.
Главната цел со планот за живот во Македонија е да се задржат младите во државата и тие тука да ја градат својата иднина, професионално да се реализираат и тука да создадат семејство.
Шекеринска рече дека на администрацијата ќе и се овозможи да работи без притисоци и страв од отпуштања. Таа најави и двосменско работење на институциите, до 20 часот, со цел граѓаните да можат да ги остварат своите права без да излегуваат од работа.
Ќе ја укинеме партиципацијата и ќе обезбедиме бесплатно болничко лекување за сите граѓани, затоа што знаеме дека болничките лекувања се удар врз семејните буџети со ниски примања. Ќе обезбедиме квалитетни лекови кои лечат, наместо лекови кои се резултат на одредени бизнис интереси. Лекарите ќе имаат една цел и задача-да се грижат за пациентите, а не да бидат писари и бирократи, рече Шекеринска.
Наместо да им правиме притисок со казни како што сега се случува, тие ќе добијат поттик со тоа што во првите шест месеци ќе ја зголемиме платата на лекарите и медицинскиот персонал за 15%. Наша цел е двојно да бидат поголеми платите на сите кои работат во здравството до крајот на мандатот, додаде Шекеринска. Со сите овие мерки таа е сигурна дека ќе се спречи секојдневното заминување од Македонија на лекарите и специјалистите, а на граѓаните од Македонија ќе им обезбедат пристоен здравствен систем.