Курајчани се во добра здравствена кондиција
Курајчани во просек се во добра здравствена кондиција. Тоа го покажаа резултатите од денешните превентивни прегледи кои се вршеа во ова село, во рамки на одбележување на неделата за грижа на стари лица. Интерес за оваа активност која ја спроведува Здружението „Мозочен удар“ и охридскиот Црвен Крст покажа не само генерацијата од трето доба туку и помладите.
Мештаните во руралните средини се поздрави во споредба со жителите од градската средина. Тоа го покажуваат параметрите кои се битни за навремено спречување на појавата на кардиоваскуларните заболувања. Охридското село Куратица е добар пример за тоа. Денес во ова село стручен тим од здружението „Мозочен удар“, предводен од д-р Маја Божиноска Смическа, како и тим на ОО на Црвен крст Охрид, вршеа бесплатно мерење на крвен притисок, шеќер во крвта, правеа ЕКГ, се тоа во рамки на одбележување на неделата посветена за грижа на стари лица. Курајчани покажаа голем интерес кон превентивните прегледи и ја поздравуааат оваа хуманитарна активност.
„За постари луѓе значи, секој еден над 50 години секој еден е задолжен да се контролира а ние што имаме по 70 год, нормално е секој месец да одиме. Oва е одлично за народот да не оди долу во градот, бидејќи повеќе пари се даваат за превоз а вака убаво што е бесплатно. Многу добро стојам со здравјето. Ова што го правите е многу убаво и што се мери притисок и шекер, посебно за мене е убаво. Никој вака бесплатно не ми зел ниту шекер, ни притисок како што овде тоа се прави имам и матичен лекар но вака не ми мери.
Во руралните средини голем е одзивот на населението, забележува д-р Маја Божиноска Смическа. Досега направиле околу стотина прегледи. Смическа апелира сите жители во руралните средини да ја искористат можноста бесплатно да се прегледаат и да добијат стручен лекарски совет, бидејќи точно тука се добиваат првите параметри за можен ризик од кардиовасуларни заболувања и мозочен удар.
„ Постојано во нашите активности откртиваме личности кои имаат болести за кои претходно не знаеле. Најчесто откриваме атријална фибрилација, односно нарушување на ритамот на срцето кое понекогаш пациентите и не го чуствуваат но може да доведе до фатални последици. Тоа можеби е и најважно во нашата активност“.
Паралелно со превентивните прегледи, се делеа и хуманитарни пакети за мештаните кои се во социјален ризик. Луѓето се благодарни и тоа го искажуваат вели Марија Ристеска волонтер на Црвениот Крст
„Првенствено ние тоа го правиме кај лицата кои се социјално загрозени, но и лицата кои се стари и изнемоштени како мал знак на внимание од Црвениот Крст ќе поделиме пакече со храна“ .
Двата тимови на Црвениот Крст и на здружението „Мозочен удар“, беа во посета на неколку домови на стари, осамени и изнемоштени лица, им доделија помош и ги прегледаа. Нивните активности продолжуваат и во други села од охридскиот регион.