Skip to main content

Во Курајца, охридско, добро се живее

Охридското село Курајца е една од ретките рурални средини каде сеуште добро се живее. И покрај тоа што голем дел од курајчани се отселиле, селото бележи позитивен тренд во развојот на руралниот туризам, а од ден на ден никнуваат нови викендички.

 |  Николоска Биљана  | 

 

Охридското село Курајца станува се поатрактивно за посета, не само во летниот период туку и во зима. Дрвата за огрев се одамна сместени во селските дворишта а огништата веќе ја шират топлината во секој дом во Курајца. Топло добредојде во ова село ни ни посака баба Богдана Крстаноска. Таа ни понуди ракија и кафе за загравање, а ни кажа дека црвеното вино веќе е во бочвите, месото било подготвено, а зимницата одамна е готова. За своите 80 година баба Боца добро се држи, досега освен за грип други лекови не се напила. Таа раскажа како се живее во Курајца. Вели дека може сама да се снајде за се, а тука биле и продавниците кај Ленка и Русе кои биле добро се снабдени.

„Сега е поубаво, помалку има работа, пари има, децата ме почитуваат, во години сум ама бериќатврсан уште можам да работа и да се движам. Нива не работиме сега порано се работеше имаше стока, волови сега нивите се оставени, нешто на лето подработуваме а сега она што можам правам, со магарче одам по дрва, си правам чистам се сама“.

Во Курајца се реставрира и некогашниот дом кој од забот на времето пропаѓал и бил ризичен. Но пензионерите не го оставиле туку така да пропаѓа.

„Ние сме вредни пензионери, организатори за домов што го правиме, тој ни е главен, после него сум јас, нас ни е убаво во ова село, сакаме да се множи, се растури… во времето во ова село имаше 1000 жители, Сакаме да ги вратиме назад жителите, долу започнаа да прават куќи, со домов ми се чини дека ќе ја вратиме младината

За курајчкото секојдневие говореше, претседателот на Месната заедница Горан Ангелоски, кого неговите соселани милуваат да го нарекуваат кмет. Тој вели дека неговото село е најубаво во Македонија, сместено во пазувите на Плаќенска планина на околу 1100 метри надморска висина. Во селото живеат околу 240 жители, што навистина е реткост за една палнинска рурална средина. Некогаш во ова село живееле 1500 жители, кои за жал се отселени.

„Од друга страна имаме позитивна работа што веќе последните години со ангажираност на селаните, заеднички со Месната заедница, успеваме да го промовираме селото Куратица и се појавува голем интерес…., приметувате се градат нови викенд куќички , се градат ресторани, во текот на летото има многу туристи од Холандија, Ирска, Англија буквално од секаде по некој гостин може да го посети селото Куратица и да му остави впечаток

Претежно луѓето во Курајца се занимаваат со сточарство, има овци, крави, кози, развиено е пчеларство, а добар дел од мештаните се познати градители. Има постојани 96 домаќинства и 84 викенд куќи. Ангелоски вели дека градската власт, треба да обрне поглемо внимание во делот на инвестирањето во руралните средини, како охридските села не би изумреле.