ФТУ со нови мерки за практична настава на студентите
Факултетот за туризам и угостителство потпиша договор со охридските хотелиери и туристички агенции за условите под кои ќе се изведува практичната работа на студентите за 2017. Од ХОТАМ предлагаат низа мерки во полза на студентите практиканти.
Околу 500 студенти од ФТУ во 2017 година ќе посетуваат практична настава во хотелите и туристичките агенции, во Охрид. Денес претставници од туристичката фела во просториите на факултетот одржаа состанок за практичната работа на студентите, а исто така потпишаа и договор околу условите под кои ќе се изведува истата. Деканот на факултетот проф. Цветко Андреески истакна дека за наредната година имаат нови идеи кои според него ќе внесат нов квалитет во начинот на изведување на пракса и за хотелиерите и за студентите.
„Идејата е хотелиерите да имаат повеќе студенти во летниот период кога е сезоната кога нив им се најпотребни, идејата е да се држат комбинирано дел теоретски часови каде што студентите ќе се запознаваат со работата во хотелите и во агенциите а останатиот дел е практична работа онака како што треба да се изведува и на крај очекувам дека добитници ќе бидат и ФТУ и хотелиерите и студентите а и гостите кои ќе ги користат услугите“.
Кога се спојуваат теоријата и праксата се добива добар производ, посебно во хотелиерството, вели Крсте Блажески претседателот на ХОТАМ. Тој смета дека студентите треба да имаат повеќе денови за пракса со цел подобро да ја совладаат работата.
„Имавме исто така едно барање од ХОТАМ, да студентите од Владата која и да е, ослободување од давачките, односно од придонесите кои што ги плаќаме кон државата да им се враќаат на студентите така да има поголеми приходи и да има поголем интерес за летна работа во хотелската индустрија. Очекуваме да се сублимираат сите наши барања и да извадиме добар производ. Треба повеќе да се работи, секогаш има нешто подобро, нашата работа е таква која секогаш бара нешто подобро и повеќе.“
Блажески нагласи дека сеуште горлив проблем е тоа што поголемиот дел од нашите готови кадри од хотелиерството својата кариера посебно во летниот период ја градат во земјите од регионот, како што е тоа Хрватска, Црна Гора, Грција и др. Тој смета дека под итно треба да се создадат услови младите студенти да ги задржиме кај нас во Македонија. Инаку, според Законот за високото образование, практичата работа за студентите во секоја академска година е од 30 до 60 работни дена со работа од 1 до 8 часа. Новина од оваа година е вовдеување на повеќе ментори за следење на практичната работа од страна на професори од Факултетот. Тие ќе бидат повеќе на терен и ќе одат во обиколка на хотелите и туристичките агенции и на лице место ќе гледаат како се изведува практичната настава.