Skip to main content

Избрано идејното решение за Конгресниот центар во Охрид

Избрано идејното решение за Конгресниот центар во Охрид.

 |  Валентина Неловска  | 

Архитектката Ивана Ралевиќ е автор на победничкото идејно решение за Конгресниот центар. Објектот треба да го гради Елем на атрактивна локација во охридската населба Далјан. Електрани на Македонија (ЕЛЕМ)  ги објави резултатите од конкурсот за избор на најдобро авторско дело за реализација на проектот. Градбата ќе се состои од една голема сала со капацитет од 1.500 до 2.000 седишта и од четири до шест помали сали со капацитет за 200 лица.   Следната фаза на ЕЛЕМ е да го избере проектантското биро што ќе го подготви основниот проект.

До ЕЛЕМ било доставено само едно идејно решение, од  авторката Ралевиќ која се стекнала со првата награда во висина од 700.000 денари.
Изградбата на Конгресен центар во Охрид беше најавена  од охридскиот градоначалник Никола Бакрачески на почетокот од февруари годинава.

„Она  што ние го баравме како општина Охрид заедно со Владата на РМ е тој конгресен центар да ги задоволува плановите на Охрид  во иднина за градот да прерасне во еден центар кој ќе овозможи развој на конгресниот туризам. Знаете дека Охрид е познат по организација на конгреси, но се работи за конгреси семинари или манифестации од помал обем колку што имаат капацитет постоечките охридски хотели, односно хотелските сали кои што егзистираат во градов, но за сериозни организирања на големи конгреси ни треба  Конгресен центар“, кажа на почетокoт од годинава  Бакрачески.

Архитектонскиот конкурс за избор на идејното решение беше распишан во април годинава.

Градежните активности треба да почнат  во текот на 2017 година.