Наумоски: Ќе ставиме крај на принципот нишај врата, земај плата
На денешната пресс конференција на ОО на СДСМ се зборуваше за социјалниот момент и стандардот на граѓаните. Беа наведени неколку мерки со кои ќе се подобри животот на граѓаните. СДСМ ќе ја укине радиодифузната такса. Ќе воведе енергетски ваучери со кои граѓаните опфатени со Законот за енергетска сиромаштија ќе плаќаат за потрошената енергија. СДСМ ќе ја врати и ефтината тарифа. Ќе создаде јавна администрација за сите граѓани, a не сервис за згрижување на партиските кадри на власта чија нестручност го уништи квалитетот на услугата, рече портпаролот Мишел Наумоски.
Ние ќе ставиме крај на принципот нишај врата, земај плата, каде непознат број на партиски послушници не одработуваа ниту еден работен ден, а земаа плата на товар на секој граѓанин. СДСМ по 11ти декември ќе воспостави јавен регистар на администрацијата во кој ќе биде објавен вкупниот број на вработени во јавниот сектор, меѓутоа ние нема да ги бркаме луѓето од работа по принципот на ДПМНЕ, ние ќе ги ставиме во функција на граѓаните. Ќе воведеме флексибилно работно време кое ќе започнува од 7 и 30 и 8 часот и ќе трае до 15 и 30 односно16 часот попладне. Институциите ќе бидат достапни за граѓаните до 20 часот. Оние институции кои имаат значителен обем на работа и во кои граѓаните реализираат клучни права ќе работат во две смени како би се обезбедила навремена услуга за сите граѓани. Ќе создадеме стручна и ефикасна администрација која ќе дава квалитетни услуги, ќе биде транспарентна и отчетна и ќе им служи на граѓаните, а не на партиите.Во изминатите десет години, ВМРО ДПМНЕ со нивните политики се погрижија богатите да станат побогати, сиромашните уште повеќе да осиромашат. СДСМ тоа ќе го промени. Го укинуваме таканаречениот „рамен данок“ каде сите граѓани безразлика на нивниот доход, плаќаат ист данок. И оној кој се мачи да врзе крај со крај со својата минимална плата, и оној кој врти големи пари, сега плаќаат исти даноци. СДСМ ќе воведе повисок данок за најбогатите, а ќе се намалат даноците за сиромашните, рече портпаролот Мишел Наумоски.