Митаноски: Не треба да се партизира Сојузот на пензионери
Промени во раководството на Сојузот на пензионери на Македонија, побараа група пензионери од Охрид. Тие сметаат дека Сојузот не треба да се партизира и дека тоа нема да го дозволат бидејќи Сојузот на пензионери е невладино здружение и секој пензионер сам одлучува за која политичка партија ќе гласа. Централното раководство во Скопје не смее на сите пензионери да им го наруши елементарното граѓанско право сами да одлучуваат која партија ќе ја поддржуваат, посочуваат дел од охридските пензионери.
Група охридски пензионери не се задоволни од начинот на кој што се води Сојузот на пензионерите на Македонија. Тие денес своето незадоволство и јавно го изразија. Веле Митаноски кажа дека се повеќе манифестации се приватизираат од централното раководство и оти видлива била и отворена партизација во име и интерес на одредена политичка партија.
„Тоа оди дури до таму што се предлага и нова форма на организирање на некоаков алтернативен Сојуз на пензионери што и не мора да дојде до тоа, но во секој случај се неопходни промени во сојузот на пензионерите во Скопје, во раководството кои што Сојузот ќе го вратат да кажам условно, на старата оска, лежиште, а тоа е и според Статутот и според сите граѓански нормативи да биде независен Сојуз, неоптоварен со политички убедувања итн, да не се става на страна на одредени политички партии со цел да не ја изгуби независноста и самостојноста“.
Митаноски рече дека незадоволство кај пензионерите има и во поглед на тоа како се користат средствата што се собираат, транспарентноста околу нивното трошење, а исто така имало и иницијативи околу тоа да се преиспита како се користи имотот на Сојузот на пензионерите. Митаноски потенцираше дека и официјално ќе испратат писмо до ОО на Сојузот на пензионерите од Охрид, со кое ќе се побара објаснување дали и тие учествувале во носењето на одлуката за да се донесе некаков протокол на централно ниво за соработка предизборна со одредена политичка партија. Сведоци сме на една непријатна состојба, односно Сојузот на пензионерите склучил некаков договор со една политичка партија, вели Никола Стефаноски.
„Ние се спротивставуваме на било каква партизација на Сојузот на пензионерите. Бидејќи во во тој Сојуз учествуваат пензионери од различни етникуми, пензионери кои самоиницијативно се членови симпатизери на најразлични политички партии во републикава и затоа сметаме дека Сојузот на пензионери не заслужува да се прават било какви поделби во нејзиниот состав“
На собирот на групата незадоволни пензионери кој беше денеска одржан во Охрид, беше искажано и незадоволство од економски аспект во кој се наоѓаат пензионерите. Тие сметаат дека зголемувањето од 5 или 10 % на пензиите е чиста манипулација. Предизборните ветувања не биле реални бидејќи пензискиот фонд бил празен. Инаку состаноци на кои се искажува незадоволството на пензионерите биле одржани во повеќе градови во Македонија, Скопје, Штип, Прилеп, Струмица.