ОМУ „Методи Патче“ го доби највисокото општинско признание
Највисокото општинско признание, наградата „Св. Климент Охридски“-Патрон на Охрид за 2016 година ја доби основното музичко училиште „Методи Патче“. Така одлучи градоначалникот на Општина Охрид, Никола Бакрачески, на предлог на родители и на специјалната комисија во која членуваат истакнати поединци од општествениот живот во градов. Добитник на повелбата „Св. Климент Охридски-Патрон на Охрид за 2016 година е стрелачката Нина Балабан.
Основното музичко училиште „Методи Патче“ го доби највисокото општинско признание, наградата „Св. Климент Охридски“-Патрон на Охрид за 2016 година.
Одлуката ја донесе градоначалникот на Општина Охрид, Никола Бакрачески, на предлог на родители и на специјалната комисија во која членуваат истакнати поединци од општествениот живот во градов. Градоначалникот рече дека посебно му причинува задоволство што наградата ја добива оваа реномирана образовна институција која 50 години твори и континуирано создава музички таленти кои Охрид достојно го преставуваат во земјата и надвор.
Бројни професионалци го вложија својот креативен труд токму во ова училиште, некои од нив повеќе не се меѓу нас, но затоа оставија плејада на свои ученици кои доследно го продолжуваат нивното дело, рече градоначалникот Бакрачески.
Градоначалникот им се заблагодари на сите досегашни директори на ОМУ „Методи Патче“ за достојното презентирање на Охрид на домашните и меѓународните натпревари каде училиштето има освоено стотици награди и признанија.
Добитник на повелбата „Св. Климент Охридски-Патрон на Охрид за 2016 година е стрелачката Нина Балабан. Претседателот на општинската комисија за доделување на награди и признанија, Дејан Пановски рече дека наградата на оваа наша млада спортистка и се доделува за исклучителни резултати од областа на стрелаштвото и промоција на градот Охрид на летните Олимписки игри што годинава се одржаа во Рио де Женеиро.
Охрид можеби нема да има многу олимпијци па затоа нивните имиња треба да ги чуваме, да се скапоцени и да влезат во меморијата на охриѓани. Ова доделување на повелбата на млад охриѓанец, олимпиец е повеќе од спортска и има многукратно значење. Тоа е гордост за повозрасните охриѓани да видат дека има нивно вредно наследство, а за младите е пример кој треба да го следат, рече Паноски.
Наградата и повелбата „Св. Климент Охридски-Патрон на Охрид” на добитниците ќе им бидат врачени на свечената академија што по повод одбележувањето на патрониот празник на Охрид, „Св. Климент Охридски Чудотворец“, ќе се одржи утре вечер во центарот за култура „Григор Прличев“.