Плаќенска планина соголена
Се пустошат шумите на Плаќенска планина, реагираат мештаните од овој предел. Тие велат дека ЈП Македонски шуми под итно треба да прекине со неконтролираната сеча, бидејќи Мазатар веќе бил соголен. Претседателот на М.З. Курајца, укажува дека тие се немоќни да го спречат тоа и бараат помош Власта да преземе мерки, за да не се соочиме со последиците од тоа.
Алармантна е состојбата околу сечењето на дрва на Плаќенска планина. Мештаните на охридското село Курајца се револтирани поради ваквата состојба вели Горан Ангелоски, претседателот на М.З. Во изминативе неколку години е направен вистински пустош на еден од најраскошните планински предели во земјава, пренесува Ангелоски. Додава дека нема дел од шума во овој планински предел а кој не се нашол под удар на дрвосечачите од ЈП „Македонски шуми“. На неколку места меѓу кои и атрактивниот за туристите Мазатар дури и со голо око можело да се забележи неконтролираната сеча на дрва.
„Последен случај еве јавно ќе кажам дека во еден предел на излезот кон Дебрца веќе е неконтролирано сечење и властите треба да преземат мерки, не е наше ние да ги спречиме но сепак од една страна правиме пошумување „Ја садиме својата иднина“ а од друга страна јас би рекол ја уништуваме нашата иднина со неконтролирана сеча. Дрвата мора на некој начин за огрев да се сечат, но би препорачал тоа да биде под контрола“
Ангелоски тврди дека не се против сеча на дрва за огрев, но мисли дека треба да се води сметка кои и колку дрва се сечат.
„Јас лично сум многу револтиран бидејќи сум живеел во држава каде што многу се внимава на екологијата, на здравјето на чистиот воздух така да ова за мене е несватливо“
Грижата за шумското богатство и планското сечење на шумата, е исклучително важно бидејќи на тој начин нема да се дозволи да се создаваат голини без дрвја, велат познавачите на состојбите од оваа проблематика. Последиците од децениското соголување на шумите веќе се чувствуваат на секој чекор. Данокот на неконтролираната сеча на дрва се плаќа со свлечишта при поплави и загаденост на воздухот.