Двојно зголемено семејното насилство во Охрид
Двојно зголемено семејното насилство во Охрид.
Семејното насилство во општина Охрид расте. Трендот на раст на насилството во земјава не го одминува нити нашиот град. Во рамките на предавањето организирано од страна на граѓанското здружение „Бисера“, посветено на неделата „16 дена борба против семејното насилство“, од СВР Охрид било информирано дека во градот семејното насилство е двојно зголемено. Жените и децата и понатака се најчестите жртви. Семејното насилство расте, а Охрид во моментов е без СОС телефон и шелтер центар каде што ќе бидат згрижувани жртвите. За овие пропусти дел од охридските советници алармираат што поскоро да се решат.
„ Немаме СОС телефон ни правна заштита на жените од насилство и децата, нема ни канцеларија што ќе се занимава со оваа проблематика“, кажува советничката Лазареска.
Во женскиот центар „Бисера“ до пред три години функционираше СОС телефон . Од февруари 2014 година поради немање финансиски средства линијата е укината, информираат од таму. Напоменуваат дека постоење на оваа линија покажало дека семејното насилство во Охрид како негативна социјална појава постои, а жените се охрабриле да им го кажат својот проблем на волонтерките од ценатрот и да побараат помош и заштита.
За да се воспостави СОС телефонот или да зголеми социјалната заштита на граѓаните, претседателката на охридскиот Совет Гордана Коњаноска повикува сите активно да се вклучат во креирање на буџетот на општината за 2017 година.
„Кога имаме јавна расправа со овие нацрт програми може да интервенираат врз нацрт програмите граѓаните, интересните групи , советниците, група советници или невладини организации “, истакна Коњаноска.
Во поглед пак на повторното функционирање на шелтер центарот за згрижување на жртвите на семејно насилство, кој исто така постоеше пред 5 години, од општинскито Центар за социјани работи информираат дека нивна голема заложба е во престојниот период тој повторно да се активира.