Научна конференција „Современите концепти на кризниот менаџмент“
Република Македонија може да даде позитивни примери за развојот на кризниот менаџмент, имајќи ги во предвид кризните ситуации како онаа што беше со бегалците од Блискиот Исток, истакна Агрон Буџаку, директорот на Центарот за Управување со кризи на Р. Mакедонија на денешната втора меѓународна научна конференција „Современите концепти на кризниот менаџмент“.
„Современите концепти на кризниот менаџмент“ е тема на Меѓународната научна конференција која се одржува денеска и утре во Охрид, во организација на Центарот за управување со кризи на Македонија. Директорот Агрон Буџаку истакна дека периодот на одржување на оваа конференција дава можност да се укаже, дека годинава што измина е во знакот на големи предизвици за безбедноста на голем број држави. Предизвици од различен профил, карактер и распространетост, кои како никогаш досега ја нагласиле нужноста од заедништво и координирано дејствување во справување со истите.
„Ова е можност академските работници и научници заедно со државните институции за справување со кризи во соработка со меѓународните институции кои се дел од оваа конференција со нивната поддршка исто така со нивната голема помош за справување со кризи неодамнешната беше пример на бегалците…да заедно ги размениме искуствата, даваме препораки за понатамошно усвршување на системот за справување со кризи во РМ “.
Експертска и организациска поддршка на научната конференција даде и Меѓународната организација за миграција во Р Македонија. Преку оваа конференција ние гледаме можност да направиме трансфер на експертизата и искуството во импленментација на активностите кои имаат за цел адресирање на миграциската криза и други активности во делот на менаџирање на миграциите, вели шефот на оваа канцеларија Соња Божиновска Петрушевска .
„Меѓународната организација е доста активна во поглед на давање на заштита на мигрантитите во транзитните прифатни центри, учествува во нивно опремување, идентификација и упатување на ранливите категории на мигранти, обезбедување на соодветни услови во прифатните центри. Исто така активни сме во обезбедување на активности во градење на капацитети на релевантните институции кои што учествуваат во менаџирањето на миграциите донација на опрема, а активни сме и во медицинскиот сектор“.
Со цел заеднички да се изнајде подобар начин за развој на системот за управување со кризи, на иста маса денес во Охрид седнаа професионалци, луѓе вработени во државни институции задолжени за справување со кризи од државите од поширокиот регион, научната односно академската заедница, како експерти од САД, истакна Урим Вејсели, раководителот на секторот за меѓународна соработка. Тој смета дека сите панел дискусии од научната конференција се важни, но посебно го нагласи проектот Команден систем за справување со кризни ситуации.
„Всушност се работи за еден проект добиен при НАТО каде што Р Македонија заедно со колегите од Р Хрватска, БиХ и Црна Гора, заеднички добивме проект кој што наредните 4 години РМ треба да го имплементира. Се работи за една алатка која што ќе овозможи поефикасно и поефективно работење на системот со управување со кризи“.
Инаку на Меѓународната научна конференција „Современите концепти на кризниот менаџмент“, беше кажано дека нашата земја е активен партнер и во меѓународната антитерористичка коалиција, како и тоа, дека ќе придонесува во напорите за сузбивање на тероризмот, насилниот екстремизам и радикализам, кои се наметнуваат како заедничко глобално зло.