Skip to main content

Во Македонија е се поприсутен говорот на омраза

Говорот на омраза се поприсутен во нашата држава. Причина за неговото секојдневно проширување е што истиот не се препознава или не се сака да се препознае од страна на институциите во системот. Од канцеларијата на Народниот правобранител сметаат дека во кривичниот законик неопходно е да се воведе посебно кривично дело, говор на омраза.

 |  Јаковлева Лионела  | 

Во Македонија е се поприсутен говорот на омраза. Причина за неговото секојдневно проширување е што истиот не се препознава или не се сака да се препознае од страна на институциите во системот, велат од канцеларијата на Народниот правобранител.

Говор на омраза имаме спрема секоја група со заеднички идентитет и карактеристики. Најчесто е по основ на социјално потекло, кон ромската заедница, поради сексуална ориентација, поради етничка припадност, кон заедниците во Македонија кои се во малцинство, особено кон албанската заедница. Она што е особено изразено во последниот период е се поприсутниот говор на омраза врз основ на политичка определеност или убедување, потенцира Билјана Илиевска, советник во подрачната канцеларија на Народниот правобранител во Битола.

Според Народниот правобранител неопходно е да се обучат вработените во институциите да го препознаат говорот на омраза. Судството треба да биде независно и да носи одлуки и судски пресуди против говорот на омраза врз основ на претходно покренати постапки од основното јавно обвинителство. Во кривичниот законик неопходно е да се воведе посебно кривично дело–говор на омраза, сметаат од Народниот правобранител.
Ваквите констатации ги потврдуваат и од Хелсиншкиот комитет за човекови права од каде додаваат дека голем проблем е тоа што нема соодветна реакција од надлежните институции.


За жал состојбите во Македонија покажуваат дека говорот на омраза се употребува пречесто, но релевантните државни институции, надлежни да го казнуваат, се неми. Има многу малку постапки кои се водат пред јавните обвинителства и домашни судови, за говорот на омраза што е кривично дело кое мора да се гони и казнува, вели Елена Брмбевска од Хелсиншкиот комитет за човекови права.


 На денешната завршна конференција „Епитети-етикети“ во организација на Младински Совет Охрид, во соработка со здруженијата „Амос“ од Битола, „Фокус“ од Ресен и „Исидор“ од Струга се зборуваше токму за состојбите со почитувањето на човековите права, дискриминацијата и говорот на омраза во општините Охрид, Ресен, Битола и Струга.


Човековите права во овие региони и институциите кои беа опфатени се почитуваат, нема поголеми сознанија околу дискриминацијата, но, она што е алармантно е што не се препознава говорот на омраза. Институциите изразуваат подготвеност да се вклучат во понатамошни едукативни активности со кои ќе се помогне да се намали говорот на омраза, вели Димче Каневче, претседател на Младински Совет Охрид.

ЗА реализацијата на проектот „Епитети-етикети“ помогна Амбасадата на Република Франција во Република Македонија.