Неподнослив мирис на хемикалија се шири по канализацијата во становите на улица Партизанска
Неподнослив мирис на хемикалија се шири по канализацијата во становите на улица Партизанска.
Станарите од блокот згради на улица Партизанска со пресекот на улицата Асном реагираат дека се шири неподнослив мирис од хемикалија. Неколку дена во становите по цевките на канализацијата вдишуваат мирис кој се шири во бранови од хемикалија која не може точно да ја дефинираат.
Нагаѓаат дали станува збор за мирис на боја, разредувач или бензин. Како што велат пријавиле до надлежните служби затоа што стравуваат за сопственото и здравјето на семејствата. Се прашуваат на што се должи таа миризба и дали е опасна по здравјето. Жителите од блокот згради кои со овој проблем се соочуваат веќе една недела, поднеле писмено барање до комуналната инспекција од каде им било кажано дека во наредниве денови инспектори ќе извршат увид на терен.
ТВМ го контактираше ЈП Нискоградба од каде што по проверката на нивните служби на терен пронашле дека во шахтите е истурен разредувач на боја. Велат дека опасност по здравјето нема. Информираат доколку надлежните од инспекторатот наложат може да се преземат одредени мерки со средства за обезмастување.