Уште една сообракајна незгода со трагичен крај на патот Охрид – Кичево
Една жртва и три лица со тешки телесни повреди е исходот на уште една сообраќајна незгода која се случи на магистралниот пат Охрид – Кичево, во близина на Издеглавје. Причина, непочитување на сообраќајните правила и прописи.
Неотстапување на првенство на минување, причина за уште една сообраќајна незгода со трагичен крај на патот кој е во изградба Охрид – Кичево. Згасна животот на 74 годишна жена на оваа делница во тешката сообраќајна незгода која се случи вчера во 14 часот и 35 минути, кај крстосницата со локалниот пат за селото Издеглавје. Во истата незгода со тешки телесни повреди се здобиле две лица од селото Велмеј општина Дебарца кои се задржани на лекување во болницата „Св.Еразмо“ во Охрид. Со полесни повреди се здобил 37 годишен маж од Пробиштип кој, по укажаната медицинска помош во болницата „Св.Еразмо“ е пуштен на домашно лекување, пренесува Стефан Димоски, портпаролот на СВР Охрид.
„Сообраќајната незгода во која што едно лице го загуби животот се случи во момент кога патнички автомобил опел астра се движел по локалниот пат од селото Издеглавје кон магистралниот, со цел да се приклучи во правец на Охрид. Не отстапувајќи го првенството на минување доаѓа до судир помеѓу овој автомобил и патнички автомобил мерцедес кој што се движел по магистралниот пат во правец од Охрид кон Киево“
Оваа година, посебно со изградбата на автопатската делница Охрид – Кичево, зголемен е бројот на жртви и случени сообраќајни незгоди, говорат статистичките податоци од СВР Охрид, информираше Димоски.
„Во текот на минатата 2015 година во Охрид животот го изгубиле 9 лица. Напоменувам дека оваа бројка за жал е поголема, сето тоа упатува на еден апел од наша страна овој момент да се внимава на овој патен потег и воопшто да се внимава при управувањето на патничките автомобили. Да се почитуваат сообраќајните правила и прописи, да се почитува хоризонталната и вертикална сигнализација на сите коловози во градот и надвор од градот а посебно на патниот потег кон Кичево. “
Димоски напомена дека посебно во пресрет на новогодишните празници СВР Охрид ќе го зголеми присуство на сообраќајната полиција на патниот правец Охрид – Кичево, со цел да се избегнат можностите за сообраќајни незгоди, бидејќи очекувале зголемена фрекфенција на возила кои ќе доаѓаат кон Охрид. Портпаролот тврди дека на овој патен потег сообраќајната полиција е присутна во одредено време и на одредени места и дека делуваат и превентивно но и репресивно