Жителите на Лагадин против изградба на хотел
Онлајн петиција против изградба на хотел во Лагадин. 99% од мештаните во охридската населба Лагадин преку граѓанското здружение Охрид СОС остро се спротивставија на изградба на еден ваков објект за кој сметаат дека се гради на помало растојание од 50 метри од водостојот на Охридското Езеро кој појас е заштитен со закон.
Жителите на Лагадин покренаа онлајн петиција против изградба на голем хотел непосредно до крајбржната линија на Охридското Езеро. Од граѓанската иницијатива „Охрид SOS“ велат дека тоа се прави во заштитен појас. Во прогласот за петицијата на жителите на Лагадин стои, дека хотелот се наоѓа на растојание помало од 50 м од водостојот на езерото, што според нив е недозволен појас за цврсти градби и е заштитен со закон. За изградба на хотелот било донесено незаконско одобрение без согласност на Mинистерството за животна средина и Министерството за транспорт и врски,тврдат од Oхрид SOS. Додаваат дека за изградба на хотелот не била реализирана консултација со јавност ниту има направено стратешка оцена за влијание врз животна средина. Градежните работи започнале пред два три дена. Мила Ивановска вели дека директно е засегната од оваа градба. Вели дека веднаш се обратила до инвеститорот со своите забелешки.
„Му објаснив на Никола дека не може со сила да влезе во туѓ имот…тој рече не е тоа туѓ имот… дека тоа е во негова сопственост…денес бев во општина ми рекоа дека тоа не е во ничија сопственост ќе видиме со документацијата што е до каде е започнавме и правна постапка денес.Колците се поставени може да се види метар и половина, нема никаков план, не сме никако известени ниту писмено ниту било како, освен пред три дена ова што го доживеавме. Проблем е тоа што тука нас ни поминува канализација и ако тој почне да руши долу автоматски ние ќе имаме проблем во куќата и нема да може да се живее“
И покрај приговорот што жителите на Лагадин го потпишаа со 99-процентно учество, противејќи се на урбанизацијата на крајбрежјето и на според нив непланското менување на деталниот урбанистички план, односно, по ново, општиот акт за село Лагадин, како и покрај сите препораки на УНЕСКО и на Министерството за животна средина, по се изгледа во Лагадин ќе се гради хотел, велат од здружението Охрид СОС.