Лекарите дефицитарен кадар во охридското здравство
Лекарите дефицитарен кадар во oхридското здравство.
Потребата од дипломирани лекари и специјалисти во здравствените институции не ја одминува ни општина Охрид. Во моментов во охридската Агенција за вработување чекаат 9 мина дипломирани лекари. Поголемиот број од нив се волонтерски ангажирани или обавуваат специјализации, информираат од Центарот за вработување.
Доктор Љубен Арнаудов, доскорешен директор на Општата болница Охрид, пред напуштање на оваа позиција по изборот за пратеник во Собранието, информира дека во моментов на различни оддели во болницата недостасуваат најмалку 25мина лекари. Болницата во меѓувреме на различни специјализации испратила 23 -ца лекари. Во 2017 година се очекува 15 лекари да го исполнат правото на заминување во пензија, но не се знае дали ќе ја искористат законската можност да го продолжат и понатака својот работен ангажман, вели д-р Арнаудов.
Твм во повеќе наврати се обиде да стапи во контакт, но без успех, и со двајцата директори од Специјалната болница за ортопедија и трауматологија Св. Еразмо Охридски и од Заводот за Кардиолошки заболувања. Јавноста останa без информација дали и во овие две здравствени установи од јавното здравје имаат потреба од лекари и специјалисти. Се почести се реакциите на пациентите дека во јавното здравството недостасуваат општи лекари и специјалисти од повеќе области. Тие се принудени да чекаат долго време на Мој термин за да дојат на ред кај специјалист или да платат здравствена услуга во приватното здравство, а плаќаат во фондот за здравствено осигурување.
Штотуку дипломираните лекари пак, завршуваат на берзата на трудот, ја напуштаат земјата барајќи работа во странство или пак се принудени да земат партиска книшка за да дојдат до вработувањето за кое напорно и макотрпно учеле и се финансирале.
Сите овие случувања се уште еден парадокс на нашето општество.