Бакрачески: Кај некогашното Поштенско одморалиште предвидено е изградба на хотел
Кај некогашното Поштенско одморалиште предвидено е изградба на хотел. Но работите сеуште не се прецизирани поради одредени забелешки на Министерството за образование, открива првиот човек на градот Никола Бакрачески.
На местото од некогашното Поштенско одморалиште во централното градско јадро, наместо станбен комплекс, најверојатно ќе се гради хотел. Такви се најавите на градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески. Тој убедува дека во последниве 4 години во делот на урбанизација на централното градско подрачје и старото градско јадро не се случува ништо. Бакрачески вели дека мора да сме начисто околу прашањето на експанзивна и неуредна урбанизација во периодот од 2000 до 2013 и од 2013 до сега.
„Во јавноста се наметнува вештачка тема дека урбанизацијата на Охрид во централното градско подрачје и крајбрежјето се случува после 2013 година што е апсолутно неточно. Ние и голем дел на урбанистички планови кои можеби требаа да бидат спроведени или беа во тек на изготовка пред 2013 год сме ги промениле за да не продолжи трендот на експанзивна урбанизација на централното градско подрачје а посебно на крајезерскиот дел на Охрид“
Околу сериозноста на намерите на Локалната самоуправа за изградба на хотел кај некогашното ПТТ, Бакрачески со став.
„На местото на поранешното Поштенско одморалиште е предвидено да се гради хотел, спротивно од она што беше предвидено претходно да се градат станбени објекти. Ние како Локална самоуправа на земјиште од РМ сакавме на таа локација да вцртаме хотел кој што ќе биде од мал габарит со кој што со продажба на градежно земјиште општина Охрид ќе имаше одредени приходи со кои општината ќе имаше можност да го исплати долгот на ОУ Григор Прличев“
Бакрачески смета дека со изградба на хотел кај некогашното Поштенско одморалиште покрај што ќе се покријат огромните долгови во охридското образование ќе се поттикне и развојот на туризмот во Охрид, но и ќе се отвори можност на креирање на нови работни места. Во моментов работите околу ова земјиште кое припаѓа на Министерството за образование сеуште не се прецизирани поради некои забелешки на ресорното министерство, пренесува Бакрачески.