Доделени наградите за најубаво украсен двор
Денес во Општина Охрид беа доделени наградите за најубаво украсен двор. Годинава во избор на девет учесници, првата награда ја освоија Иванка и Бруно Гигер, второто место е за семејството на Наумче Неданоски, а третата награда за Антоанета Тасеска. Првонаградените средствата од наградата ќе ги донираат за семејството Садик, чиј дом неодамна беше уништен во пожар.
Семејствата Гигер, Неданоски и Тасески годинава имаа најбаво украсени дворови во Охрид. Новогодишните и божикните празници за овие семејстасекогаш преставуваат голем мотив за своите дворови да ги претворат во вистинска бајка. Од нивната убавина секојдневно се воодушевуват случајните минувачи, а не остана имуна ниту општинската комисија која веќе години наназад распишува конкурс и избира најубаво украсен двор во градов. Годинава на конкурсот се пријавиле девет учесници па не било лесно да се избере кој двор е најубав.
Им се заблагодаруваме на учесниците за нивните убаво украсени дворови, на задоволство на сите нас. И општина Охрид од година во година вложува се повеќе во украсувањето на градот, но се поголем е и бројот на граѓани кои ги украсуваат домовите и дворовите со што придонесуваат за убав изглед на градот за време на празниците, изјави секретарот на општина Охрид, Димитар Спасески кој ги додели наградите.
По трет пат за најубаво украсен е прогласен дворот на брачниот пар Иванка и Бруно Гигер кои секоја година со големо внимание и љубов ги изработуваат и поставуваат бројните украси.
Уште во месец ноември 15 дена рачно изработувавме дел од украсите. Потоа уште десеттина дена ги поставувавме и монтиравме. Тоа е наше хоби и го правиме исклучиво за наше задоволство. Инспирацијата ја добиваме и од интернет, со сопругот гледаме како украсуваат во други земји и штом видиме нешто што ќе не воодушеви веднаш го правиме, изјави Иванка Гигер.
Втората награда му беше доделена на семејството Неданоски. Тие повеќе од десет години го украсуваат својот двор за време на празниците, но го разубавуваат и во лето со бројни разновидни цвеќиња и растенија за што добиле награда и од здружението „Бисера“.
Тоа и ми даде дополнител поттик и понатаму да украсувам. Годинава тоа го правеа мојот внук и вереницата, а јас им давав совети со оглед на моето досегашно искуство, вели Науме Неданоски.
Третонаграден е дворот на семејството Тасески кои живеат на улицата „Ристо Чадо.
Украсуваме речиси 20 години. Годинава за прв пат се пријавивме и ја добиваме наградата. Јас сум и сликарка и уживам во украсувањето, дел од украсите сама ги имам изработено со сопругот и децата, а дел се купени., рече Антоанета Тасеска.
Украсувањето го правам со голема љубов, годинава го украсив и детското одделение при Општа болница каде работам, рече Тасеска.
Семејството Гигер кои ја добија првата награда рекоа дека средствата добиени од Локалната ќе ги донираат за семејството Садик чија куќа пред неколку дена изгоре во пожар.