Петар Рупев е среќниот фаќач на крстот
Петар Рупев е среќниот фаќач на крстот. Рупев годинава, по четврти пат, беше највешт, најбрз и најсреќен меѓу стотината капачи кои пливаа по светиот крст во водите на Охридското езеро. Големиот христијански празник Богојавление – Водици помина во најдобар ред и во беспрекорна организација на општината и МПЦ.
Варошанецот Петар Рупев е среќниот фаќач на чесниот крст на годиниешната црковно народна манифестација Богојавление – Водици 2017. Граѓани од сите краеви на државава и гости од странство во голем број на градското пристаниште присуствуваа на положувањето на крстот во езерските води. Стотина верници скокнаа по Светиот крст, но најсреќни и оваа година беа варошани. Нивната многубројна група посебно младите варошани се делат на тајфи кои го обиколуваат целиот град, со цел светиот крст да влезе во секој дом да се освети. Рупев верува дека и оваа година, ќе му биде среќна и бериќетна.
„Ова е по четврти пат како го фаќам крстот во рок од 4 години три пати го фаќам крстот. Овие три – четири години ми се среќни посебно минатата година ми беше една од најсреќните во мојот живот. Ова е радост за мојата фамилија, за мојата тајфа која 365 дена го чека овој ден и денеска знам дека се едни од најсреќните граѓани и со нетрпение чекаат да го прославиме овој празник денеска и утре како што е ред како што прилега на традицијата на стариот дел како што ние знаеме да го прославиме празникот“.
Пред нешто помалку од 10 часот утрово, река на граѓани се слеваше кон градското пристаниште со цел да го проследат големиот настан, а воедно и да направат адетот, да се измијат во осветената вода и да понесат од неа за дома.
„Чуството е многу убаво, наполнавме вода за дома се измивме…. Добро е, има многу народ прекрасно е..зедовме водичка, веруваме во овој празник и сите треба да веруваат…Прекрасно е ги знаеме обичаите ги научивме од постарите и ги направивме. Убаво е женами наполни големо шише со вода. Од Тетово доаѓам секогаш специјално за Водици во Охрид. Во Тетово во подножјето на Шар Планина имаме многу убави обичаи но оваа традиција во Охрид за Водици не може со зборови да се опише. И времето и Господ е со нас. Наполнив вода и за мене и за моите пријатели од Тетово, за здравје и благослов подарува“
Препораките на ОО на Црвениот Крст очигледно вродија со плод, така што оваа година медицинските екипи кои беа професионално подготвени немаа многу интервенции како што кажа претседателот Сашо Точко.
„Можам да кажамдека оваа година помина беспрекорно. Освен некоја помош што беше дадена од страна на нуркачите и спасителите немавме никаков посериозен инцидент во вода. На суво имаме двајца кои ги третираме со лесни премрзнувања, но и тоа ќе се заврши како што треба, досега немавме буквално никакви проблеми“
Убавиот сончев ден охриѓани но и бројните гости максимално го искористија. Веднаш после фрлањето на светиот крст забавата продолжи низ охридските угостителски објекти кои буквално беа максимално исполнети и се бараше место повеќе. На неколку штандови се служеше и топла ракија, а имаше и мезе.