Општинските училишта подготвено го започнаа второто полугодие
Општинските училишта подготвено го започнаа второто полугодие. Тие ги презедоа сите мерки за заштита од грип, а има и доволно нафта за затоплување на просториите. Доколку има потреба школите ќе преземат и интерни мерки.
Второто полугодие во сите училишта во Охрид започна без никакви проблеми. Навреме е извршена дополнителната дезинфекција на просториите што беше препорака од Комисијата за заразни заболувања поради зголемената појава на грип.
Во текот на вчерашниот ден сублимиравме и речиси и да немаше отсутни. Секако добре дојдена беше и паузата која ја имавме за зимскиот распуст така што второто полугодие почна во најдобар ред,. Доколку и понатаму има некои инструкции или ние сами осетиме дека се зголемува бројот на ученици заболени од грип ќе преземеме дополнителни мерки, вели Тони Симоноски- директорот на ОУ „Христо Узунов“.
Симоноски вели дека се надева оти повеќе нема да имаме толку ниски температури како пред две три недели, но кажува дека и доколку дојде до повторно заладување училиштето има доволни количини нафта па просториите ќе бидат добро затоплени.
Добро е што поради ниските температури кои беа немаме некои технички проблеми со водоводот или струјата. Ние и за време на распустот затоплувавме за да не дојде до тоа. Мора домаќински да се работи за да се одржува едно училиште, а и трошоците да не се многу високи за да не се оптовари буџетот на општината, вели Симоноски.
Еден од проектите кои ќе бидат приоритет во второто полугодие во ова училиште е санацијата на тоалетите со што уште повеќе ќе се подобри нивото на хигиена во оваа образовна установа. Училиштето „Христо Узунов“ годинава го прославува својот 40 год. јубилеј. Директорот вели дека уште од сега ќе почнат да се подготвуваат за одбележувањето на патрониот празник кој е во месец април. Изрази благодарност до персоналот и учениците кои оставиле белег во развојот на ова училиште. Вели дека оваа година одбележувањето на патрониот празник ќе биде посебно.