Во Охрид отворен почесен конзулат на Република Унгаријa
Во Охрид отворен почесен конзулат на Република Унгаријa.
Република Унгарија отвори почесен генерален конзулат во Охрид. Проф. д-р Марјан Бојаџиев е именуваниот почесен унгaрски конзул во земјава. На свеченото отварање присуствуваа високи дипломатски претставници од двете земји. Успешна работа и плодна соработка на почесниот конзулат посака охридскиот градоначалник Николa Бакрачески.
„Рабоата на овој конзулат ќе придонeсе за искористување на унгарските искуства за приклучување на РМ кон евроатланските интеграции и ќе придонесе многу и за препознавање на Охрид како дестинација за унгарските инвеститори и се разбира за унгарските туристички работници односно унгарските туристи“, истакна охридскиот градоначалник при потпишувањето на указот за поставување на почесен унгарски конзул во Охрид.
Заменик министерот за надворешни работи на РМ, Илија Исајловски , ја потенцира досегашната одлична билатерална соработка меѓу двета земји. Кажа дека минатата година трговската размена меѓу Македонија и Унгарија достигнала над 150 милиони евра.
„Верувам, дека како резултат на ангажманот на почесниот конзул д-р Бојаџиев, соработката меѓу Македонија и Унгарија ќе стане уште поплодна и посодржајна. Министерството за надворешни работи на РМ нуди поддршка и помош во реализирање на планираните активности на почесниот конзулат. Искрено се надевам дека поголем број на унгарски туристи ќе го посетат Охрид“, напомена заменикот министер Исајловски.
Иштван Игуарто, државен заменик секретар за културна размена при унгарското министерство за надворешни работи, истакна дека двете земји негуваат средби на високо нивно и благодарение на тоа билатералните односи постојано растат.
„Стопанската соработка се карактеризира со динамично проширување. Во изминативе години близу 20 билатерални спогодби се склучени од областа на економијата. Со унгарска државна поддршка од април 2017 година почнува авионски сообраќај на релација Будимпешта- Скопје кој може да претставува нова туристичка можност меѓу нашите држави. Покрај туризмот одлични можности за соработка гледаме на полето на енергетиката, водостопанството, економијата и земјоделството“, истакна Игуарто.
Со отварањето на унгарскиот почесен конзулат Охрид доби вкупно 5 конзулати. Претходно во 2010 година беше отворен турскиот, а потoа следуваа и полскиот, словенечкиот и конзулатот на Руската Федерација.