Skip to main content

Дебрчани најaвуваат блокади на регионалниот пат Охрид – Кичево

 Дебрчани најaвуваат блокади на регионалниот пат Охрид – Кичево.

 |  Валентина Неловска  | 

Жителите од општина Дебрца најавуваат протести на регионалниот пат Охрид Кичево. Тие повторно го кренаа гласот, но овој пат  против асфалтната  база за која  информираат дека подизведувачот  на автопатот почнал со градежни активности. Базата се гради на само 300 метри од  реката Сатеска, во близина на Белчишкото заштитено блато и  среде обработлива земјоделска површина.  Минатата пролет, во месец  мај,  дебрчани се побунија против изградбата на каменоломот  кој требаше да се гради покрај црквата Св. Кирил и Методиј. Тогаш изградбата беше стопирана од Државниот градежен инспекторат. Сега Дебрчани, најавуваат дека доколку институциите не ја запрат изградбата на асфалтната база, ќе одржуваат секојдневни протести со неколку часовно блокирање на регионалниот пат Охрид- Кичево.

Од општина Дебрца ни соопштија дека  службите на Министерството за транспорт и врски издале привремено одборение на подизведувачот на автопатот за изградба на асфалтна база.  Напоменуваат дека станува збор за времено одобрение за асфалтна и бетонска база која ќе биде затворена  штом ќе заврши изградбата на автопатот Охрид – Кичево, за подетални информации не упатија до ресорното министерство. ТВМ Телевизија се обиде да стапи во контакт со  Министерството за транспорт и врски и министерството за животна средина и просторно планирање, бидејќи општина Дебрца  нема инспектор и одделение за екологија и заштита на животната средина. Портпаролот на министерството  за транспорт и врски не беше достапен,  додека од животна средина  не брифира дека до нив има поднесено барање за издавање на А интегрирана дозвола. Постапката е во тек, а инспекторите од нивното министерство допрва ќе испитуваат дали на терен се задоволуваат условите за  работа на асфалтната база.