Skip to main content

Охриѓани мрзнат при изведување, опело на покојникот

Капелата со која стопанисува ЈП „Градски Гробишта “ не ги задоволува основните услови, посебно во зимски период, бидејќи нема никакво греење. Оваа е само една од неколкуте забелешки кои ги предочи Погребалното претпријатие „Мирен Сон“ за работата на ЈП „Градски Гробишта“, а за чие што користење граѓаните на Охрид плаќаат најголем надомест.

 |  Николоска Биљана  | 

 

Охриѓани мрзнат при изведување, опело на покојникот. И покрај што капелата на градските гробишта има клима уред, истиот не е во функција. Подот кој е од мермерни плочки не ретко може да се забележи дека веднаш после миење замрзнува така што површината е лизгава, луѓето се греат на свеќите кои се палат до покојниот. Ова се само дел од забелешките кои како проблем пред целата охридска јавност ги изнесе менаџерскиот тим на приватното погребално претпријатие „Мирен Сон“. Директорот на ЈП „Градски Гробишта“ Зоран Симоноски ваквите забелешки ги отфрла како невистинити.

„Ова е само мислење и барање на едно приватно претпријатие. До овој момент секој ден кај нас во архивата стигнувале разни барања, приговори на кои што сме одговарале, позитивно сме ги решавале или не сме можеле да ги решиме, но ви тврдам дека од ниеден граѓанин до овој момент во овие 4 години такво барање или приговор за точките кои ги спомнува приватното претпријатие“.

За користење на просторијата каде што се изложуваат покојните, граѓаните за оваа услуга плаќаат најголем надомест. Од Мирен Сон сметаат дека ЈП чија што законска обврска е да се грижи за одржување на гробиштата би требало да обезбеди достоинствени услови и за овој обред. Додека пак ставот на Симоноски е поразличен.

„Во капелата каде што се изложуваат покојните има клима но најчесто климата се користи во летниот период, а во зимскиот период прво нема потреба и не треба да има висока температура поради тоа што се работи за мртво лице од други причини, а и ако ставиме…не е проблем ЈП да постави грејни тела проблем е што таа церемонија се одвива во краток временски период“

Од ниската температура во капелата засегнати биле и вработените од погребалното претпријатие Мирен Сон, кои буквално премрзнувале, посебно во деновите кога имало по два и повеќе погреби. Според изјавите на Симоноски, за брзо време не се надѕира решавање на овој навистина голем проблем, бидејќи директорот во овој момент и во услови во кои што сега функционира капелата смета дека тоа не е потребно. Капелата со која стопанисува ЈП „Градски Гробишта“ секојдневно е посетена“ од неколку стотици граѓани кои доаѓаат на погреб. Забелешките со кои погребалниот оператор Мирен Сон бара достоинствени услови за изведување на обредите, на денешната седница на охридскиот совет беа доставени до градоначалникот Никола Бакрачески и до Советот.