Лоши хигиенски услови во просторијата каде се вршат дел од муслиманските обреди
Лоши хигиенски услови владеат во просторијата каде што муслиманите од Охрид ги вршат своите обреди за покојниот. На ова укажаа од приватниот погребален оператор „Мирен Сон“, на чија што адреса доаѓале и забелешки од припадниците од Исламската верска заедница. Директорот пак, на ЈП „Градски Гробишта“ тврди дека до него досега не стигнало никаква забелешка, поплака или приговор.
Просторот каде што се извршува верски обред на покојниот кај лицата од муслиманска вероисповед, не ги исполнува потребните хигиенско – санитарни услови. Оваа забелешка ја изнесуваат од Приватниот погребален оператор Мирен Сон, кои деновиве испратиле и јавен допис до охридската градска власт. Проблемот се јавувал со водата, бидејќи не истекувала и често поради тоа просторијата се исполнувала со инсекти, на што реагирале и претставниците од Исламската верска заедница. Како што информираа од овој оператор, со овој проблем се соочувале подолг временски период, а исто така и на ЈП „Градски Гробишта“ им било укажано за тоа. Директорот пак на ЈП, тврди дека до нив, досега немало забелешка, поплака или приговор.
„Постоела и постои со сите услови со сите пропишани стандарди истата просторија. Кога се побарало, во секој момент од муфтијата, или од Исламската заедница тој простор да биде загреан да има топла вода и тој чин на погребување да се направи секогаш сме излегле во пресрет, односно тоа ни е работа“
Симоноски убедува дека во делот каде што има проблем околу муслиманската капела работат на негово надминување.
„Од не знам кои причини при крајот на 2010 година тогашното раковдство, муслиманската капела за изложување на починатите од таа вероисповед ја претворија во административни канцеларии, ќе ја доведиме во функција повторно заедно со претставниците и челниците на Исламската верска заедница и тоа веќе отпочнавме да го работиме и до крајот на овој мандат ние ќе го завршиме“.
За проблемот со просторијата каде се врши обредот на покојните од муслиманска вероисповед, од страна на претставниците на Исламската верска заедница и од погребалното претпријатие Мирен Сон, во неколку наврати било укажувано на одговорните од ЈП „Градски Гробишта“ но досега тоа не вродило со никакви резултати, велат од таму.