ЕЛЕМ од денес ќе ја применат мерката за проток на вода од езерото на биолошки минимум
Испустот на вода од Охридското Езеро од денеска ЕЛЕМ ќе го сведе на биолошки минимум. Ова доаѓа откако целата јавност, експерти и еколози алармираа за драстичното повлекување на водата во езерото и последиците од тоа врз живиот свет. Иако сите ги повикуваа ЕЛЕМ под итно да го намалат идспустот на езерото кај Црн Дрим, од таму тврдеа дека не го надминуваат законскиот минимум. Но најновите мерења на УХМР дека нивото отишло и под дозволениот минимум, ги примора да преземат мерки.
ЕЛЕМ од денес ќе ја применат мерката за проток на вода од езерото на биолошки минимум кој е пропишан со закон и кој е задолжителен за да може да се одржи биодиверзитетот во реката Црн Дрим. Ова доаѓа после бурните реакции од страна на експертите, еколозите, медиумите и граѓаните за екстремно ниското ниво на Охридското Езеро. Досега се испуштале по 7 кубни метри вода во секунда, а од денес ќе се испуштаат 3,5 до 4 метри кубни во секунда.
Додека на охриѓани пред очи им полека им се празнеше езерото и тоа драстично и во многу краток период ЕЛЕМ и УХМР не можеле да се усогласат со податоците за нивото на водостојот.
Од ЕЛЕМ објаснуваат дека според референтните податоци што деновиве ги добивале од УХМР, нивото на Охридското Езеро не било под законски дозволениот минимум и не се точни наводите дека во јануари неконтролирано се испушта вода од Охридското Езеро во Црн Дрим. Тврдеа дека вчера утро котата била 4 см над дозволениот законски минимум односно 693,14.
Но по денешните мерења од хидролозите на управта, решиле да го регулираат испустот.
Обвинувањата дека брзото намалување на водостојот е поради неконтролиран испуст на вода преку Дрим од страна на ЕЛЕМ за производство на струја од компанијата категорично ги отфрлаат. ЕЛЕМ се повикуваат на податоците дека оваа зима била исклучително сушна односно овој јануари бил втор по сушност од 1965 година до денеска.
Намаленото ниво на езерото се должи на рекордно намалениот дотек на вода во декември и во јануари, особено во декември лани, кога бил измерен просечен дотек на вода од 7 метри кубни во секунда, што, e најмал измерен дотек од 1965 година, па досега. До денес преку испустот кај Црн Дрим се пуштале околу 7 кубни метри во секунда, колку што изнесува просечниот месечен дотек во Охридско Езеро, тврдат од ХЕЦ Црн Дрим.