Дел од жителите на Мороишта не ја давале живината
Против сопствениците на птици во струшкото село Мороишта, кои не се одзвале на повикот на Агенцијата за храна и ветеринарство како и против оние кои се спротивставиле на одземањето на живината ќе бидат поднесени кривични пријави за ширење на заразна болест согласно законските прописи, најавуваат од Агенцијата.
Дел од мештаните од Мороишта струшко, не соработувале односно не ја давале живината на екипите испратени да ја уништат со цел спречување на ширењето на птичјиот грип. Раководителот на државната инспекција за здравствена заштита на животните Оливер Иваноски најави дека со таквиот чин тие сносат одговорност и за истите ќе мора да бидат покренати кривични пријави. Додава дека исто така со асистенција на полицијата ќе мора да им биде одземена живината. Иваноски рече дека нивните екипи водат посебен надзор и во околните села да се спречи проширувањето на вирусот АХ1Н8, кој за среќа не е опасен по здравјето на луѓето
„Вршиме активен мониторинг. Во моментот имаме прогласено зони од 3 и 10 километри. Имаме заштитна зона и зона под надзор од каде земаме интензивно мостри и секаде каде што ќе се утврди присуство на вирусот ние ќе ги спроведиме мерките на нештетно убивање и отстранување на живината“.
И од Агенцијата за храна и ветеринарство информираа дека во текот на денешниот ден, ќе бидат одземени, заклани и отстранети птиците од сопствениците кои вчера се спротвставиле и не дозволиле одземање на живината. По завршување на акцијата за одземање, уништување и нештетно отстранување на живината, во селото Мороишта ќе биде спроведена целосна дезинфенција. Агенцијата за храна и ветеринарство потсетува дека детектираниот вирус на Птичји грип во селото Мороишта не е опасен по здравјето на луѓето, туку само за птиците. Целосното уништување на птиците е единствен начин за сузбивање и спречување на ширење на вирусот. Стручни тимови на Агенцијата вршат мониторинг на птиците и во соседните села и постојано се земаат мостри за лабораториско испитување.