Денес се празнува Св.Трифун, заштитникот на лозјата и градините од штети и несреќи. Во охридско, утрово лозарите ги закроија лозовите насади. Будимир Соколовиќ, охридски винопроизводител, посочува дека ова поднобје има извонредно грозје и основа за производство на квалитетно вино. Културата кон виното на охриѓани е од дамнина, вели Соколовиќ.
„Традицијата е долговековна. Во Охрид и старите антички градови пронајдени се амфори стари 2000 години. Пред 2000 години тука се пиело вино. Винската култура е на високо ниво и ме радува што помладите генерации почнуваат да го конзумираат и ценат виното како вистински пиојалок“, напоменува Соколовиќ.
И покрај одличните климатски услови сепак во охридско нема доволно лозови насади. Посебно го нема црното автохтоно грозје карактеристично за ова поднебје, вели Соколовиќ.
„Мислам од година во година се намалува бројот на лазовите насади. Луѓето се помалку ги обработуваат лозовите насади и моја желба е да се зголемува производството. Посебно да се зголеми производството на автохтоната охридска сорта „Охридско црно“ која е скоро исчезната. Имам лозје кое го работам и годинава ќе имаме можност да пиеме од ова автохртоно грозје“, подвлекува Соколовиќ.
Винопроизводителот Соколовиќ во моментов ги прави завршните подоготовки за комерцијално работење на винаријата. Набавени се амфори за чување на вино од по 500 литри. Исто така се подготвени и дрвените бочки. За месец два се очекува да започне со работа винаријата. Во фаза на подготовка е документацијата за производство на вино и добивањето на одобрение за продажба на вино во согласност со Законот за вино.