Југозападниот дел на Македонија затрупан со диви депонии
Се поголем е бројот на диви депонии кои никнуваат во Југозападниот дел на Македонија. Сеуште се прават напори за изградба на регионална депонија. Во опција се девет локации, една во струшкото село Пискупштина, четири во Дебарца и четири во општина Кичево.
Југозападниот дел на Македонија затрупан со диви депонии. Во Охрид, Струга, Кичево, Дебар и уште неколку помали општини има вкупно 97 депонии од кои 87 се диви. И тие неколку кои се легални немаат никакви услови за одлагање смет.
Треба да имаат глинеста подлога, има критериуми колку треба да се одалечени од населени места. Треба да има комплетна инфраструктура. Кај нас тоа не е случај. Имаме измешан отпад, комунален, пластика, хартија, стакло. Некаде околу 46.000 тони или 231 килограм по жител годишно се собира отпад, рече Мирјана Лозаноска-директор на Центар за развој на југозападен плански регион.
Најголем број диви депонии за градежен шут се регистрирани во Струга. Ги има дури 37. Не се реши и проблемот со градската депонија која се наоѓа на влезот од градот.
Општината има обезбедено околу 6.000 квадрати земјиште на патот за Ќафасан близу селото Мали Влај која ќе е времена депонија и која ќе ги има сите предвидени стандарди. Побаравме од Министерството за екологија да добиеме согласност за оваа времена депонија, а старата ќе се конзервира, изјави Кренар Каба-општина Струга.
За изградба на регионална депонија во опција се девет локации, една во струшкото село Пискупштина, четири во Дебарца и четири во општина Кичево. Според експертите најоптимално решение е локацијата кај селото Годивје во општина Дебарца. Целата инвестиција би изнесувала 27 милиони евра кои треба да се обезбедат од странски донатори.