Жура: Најубавото сликарство на зоографите се во охридските пештерските цркви
Книга со над 100 колор фотографии на старите пештерски цркви од Македонија и Албанија годинава ќе излезe од печат од издавачката куќа Матица Македонска. Тоа е уметничка селекција од долгогодишната теренска работа на неуморниот историчар на уметноста и археолог, Гоце Ангеличин Жура, кој од млади години па се до денес твори, открива и објавува за Охрид, ценејќи дека секој охриѓанец е должен да остави нешто за белиот град на прекрасното Охридско Езеро.
Четирите ѕидови од работната соба на Гоце Ангеличин Жура, каде уредно почиваат неговите документирани бројни откритија за Охрид, претставуваат Центар на културата во Европа и светот. Пред се тоа се дела од теренската работа на Жура во текот на неговиот работен стаж во Завод и Музеј Охрид, но и приватно талкајќи по белиот свет по интересни и секогаш нови откритија. Неговите светски откритија најмногу се отсликуваат во неговите записи за пештерските цркви, за што годинава Жура очекува да излезе од печат и најновата книга од над 100 колор фотографии за пештерските цркви во Македонија и Албанија.
„Ние една грешка правиме денеска, мислам во минатото. Денеска е Албанија нема етнички граници, тој цел дел бил под диецезата на Охридската архиепископија, под времето на Климента, Наум, тоа се било под Охрид. Сега се овие вештачки граници што ги поставија државите.
Живописот во пештерските цркви да почниме од Радожда, Св Танасије кај Изгрев, Св Спас кај Вишни, Канео, Св Еразмо па се до Св Никола Љубаништа, живописот го одвиваат во еден филозофски и црковен правец, тоа е исихазмот“.
Едно од најубавите сликарства од Византискиот период се во охридско, раскажува Жура. Тој кажува во што се состои големината на тоа сликарство. Зоографите не сликале на рамно како во 11 век пр. црквата Св Софија, туку сликале според облините на пештерата. Жура открива дека пештерските цркви во Албанија се позачувани и чувството во нив било како да застанало времето.
„Таму пештерските цркви се позачувани, во смисла…добро живопис поминале 700 – 800 години, но зачувани се оние природни скали, како сојаже се качувале, до ден денес тоа таму е автентично, а кај нас знаете што направи цивилизацијата, земете ја Св Еразмо или Калишта или Св Стефан.
Таму останало исконскот кога ќе влезите внатре мислите дека се враќат 600- 700, години, таа тишина езерото…тие се сите надвор од населено место“
Жура вели дека науката, заостанува зад новите откритија. Тој смета дека се што било откриено за пештерските цркви за време на неговото 7 годишно истражување во Корча и Моско поле, Албанија треба да влезе во учебниците но и во агендата на туристичките водичи.
Жура кажува дека еден ден разглед на туристите на пештерските цркви во охридско – струшкиот регион, би била незаборавна авантура за која ќе се зборува и прикажува во многу наши, европски и светски метрополи.