АД „Илинден„ ја доби дозволата за градење на современиот зелен пазар
АД „Илинден“ ја доби дозволата за градење на современиот зелен пазар.
Наскоро ќе почне изградбата на современиот градски пазар на површина од 1233 метри квадратни. Ова за ТВМ Телевизија го изјави Радован Трајкоски сопственикот на градежната фирма АД „Илинден“. Трајкоски напоменува дека веднаш штом ЈП „Градски пазар“ ги одстрани тезгите тие ќе стартуваат со градежните зафати.
Над 3 милиони евра е проценетата вредност на административно -деловната зграда, која вклучува изградба на затворен зелен пазар. Во подземниот дел на објектот ќе има паркинг и 200 метри квадратни деловен простор на вториот кат. Рокот на изградба на објектот е 12 месеци од денот на отпочнување со зафатите. Во меѓувреме на малиот паркинг простор започнаа да се поставуваат неколку тезги, а закупците во пазарот сеуште немаат конкретни информации каде ќе ги продаваат производите.
ТВМ Телевизија се обиде да стапи во контакт со Тони Коталески, директорот на ЈП Градски пазар, за да ги чуе плановите каде во меѓувреме ќе биде дислоциран градскиот пазар. Дали просторот кај паркингот кој денес се расчистуваше од комунален отпад ќе биде соодветно дезинфициран. До затварање на дневникот директорот не одговори на нашите повици а јавноста остана без информација дали за дислокација на пазарот на просторот од паркингот се обезбедени минимални техничко санитарни услови.
Инаку, изградбата на современиот пазар беше донесена пред две години, на 27 февруари 2015 на 36 -та седница. Охридските советници тогаш ја изгласаа одлуката за изградба на затворен зелен пазар по пат на јавно приватно партнерство со ГП „Илинден“. Одлуката беше донесена со 15 гласа за од советниците на Вмро Дпмне и 6 гласа против од советниците од опозицијата