Дислокацијата на градскиот пазар продолжува , а и молкот од надлежните
Дислокацијата на градскиот пазар продолжува , а и молкот од надлежните.
Паркингот во близина на грдскиот пазар во моментов половина функционира како паркинг а другата половина е со тезги. Од едната страна е поставена ограда а од спротива сеуште има ограден простор за одлагање смет и контењери. Охрид има потреба од современ затворен градски пазар. На негова изградба се чека со години а тој беше дел од сите изборни ветувања на политичарите. Токму затоа граѓаните очекуваа дека имаше доволно време за изнаоѓање соодветен простор за времен пазар додека трае изградбата на новиот. Во јавноста беа лиферувани информации за неколку можни локации меѓу кои и за дислокација на пазарот во просториите на поранешен Отекс со кој сега стопанисува КАМ фуд.
Надлежните уверуваа дека кога ќе биде дефинирана локацијата јавноста ќе биде информирана.
Дислокацијата на пазарот започна во најмала рака преку ноќ. Затечени беа и самите закупци на тезги и корисниците на паркингот.
Но, она што е поважно е прашањето дали се исполнети минимум услови за организирање зелен пазар на просторот на паркингот, дали е добиена санитарна дозвола, дали на тој простор безбедно ќе се тргува со прехрамбени производи додека се гради новиот пазар. Зачудува игнорантскиот однос на ЈП Градски пазар и на Локалната самоуправа во врска со нивната транспарентност пред јавноста за да одговорат на некои прашања кои се однесуваат на дислокацијата на пазарот.
Покрај прашањето за условите потребни да функционира времениот пазар, нема информација дали продавачите кои ги закупили тезгите за 2017 биле навреме информирани за новата локација каде ќе ги продаваат производите додека се гради пазарот, што ќе се случува со граѓаните кои платиле за времени дозволи за паркирање и што ќе се случува со вработените на паркингот кој го стопанисува ЈП Градски пазар.