при крај е доградбата во СОУ „Нико Нестор“
Опаѓа бројот на запишани средношколци, а средното општинско училиште „Нико Нестор“ Струга се проширува. Директорот Никола Затуроски вели дека проширувањето било неопходно поради обезбедување достојни услови за сите ученици кои учат во нивнот школо, а стагнацијата на учениците се должи на проблемот со наталитетот.
Средното општинско училиште „Нико Нестор“ од Струга, прераснува во современ и модерен образовен центар. Привршуваат активностите околу доградбата, со што училиштето се проширува со 6 нови училници и 4 кабинети. Станува збор за реализација на голем инфраструктурен проект кој чини 12 милиони денари, открива директорот на гимназијата Никола Затуроски. Додава дека тоа не е единствениот инфраструктурен проект.
„Направени 2500 метри квадрати нова фасада, паркинг простор за вработените, променети кровови со вкупна површина од околу 600 квадрати, променети подови и комплетна промена на ПВЦ на столаријата во училиштето и влезните врати во самото училиште“.
Бројот на ученици стагнира. Тоа не е случај само во Струга туку и на државно ниво, поради проблемот со наталитетот. Затуроски појаснува од каде се наметнала потреба за проширување на училиштето.
„Ние имавме 4 училници во т.н. монтажни бараки и неопходноста и потребата за дислоцирање на тие бараки веќе подолго време тлее за да ги сместиме буквално тие ученици кои што учат во овој момент во тие бараки да бидат во едно убаво модерно уредена зграда, токму тоа е потребата. Инаку бројот на ученици опаѓа, споредбено со минатата година ние имаме 60 ученици запишани помалку“.
Затуроски вели дека оваа бројка неколку години нема да опаѓа, односно ќе остане иста, имајќи го во предвид бројот на деветто, осмо и седмо одделенци во струшките основни образовни установи. Во „Нико Нестор“ во моментов учат 1 255 ученици во 65 паралелки.