Мал број на професионални бармени во Охрид
Коктелите кои се служат во угостителските објекти секогаш привлекуваат внимание поради нивниот изглед и вкус. Но, ретко кој се запрашал колку труд и време треба за да се усоврши техниката за нивно правење. Нема многу професионални бармени кои работат по нашите угостителски објекти.
Денес е меѓународен ден на бармените. Професија која е многу важна за еден угостителски објект да работи успешно и да има свој уникатен имиџ. Во охридските кафулиња има многу мал број бармени кои си ја знаат својата работа. Драган Тоскоски речиси две години работи во Лаунџ барот Објектив и е еден од оние луѓе кои професионално ги подготвуваат коктелите кои ги бараат гостите. Кажува дека многу си ја сака работата, но дека кај нас тешко е да се усовршуваш.
Треба доста време за да се стигне до звање бармен, но и праксата е многу важна. Се снаоѓаме. Тешко е бидејќи кај нас нема специјализирани коктел барови каде ќе можеме да работиме и да ги покажиме нашите вештини, вели барменот Тоскоски.
Да се биде бармен или барист е многу сложена и тешка работа доколку тоа се прави професионално, потврдуваат и угостителите. Во градов има околу 200 угостителски објекти, а само во мал дел од нив има бармени и баристи кои се навистина добро обучени.
Оваа професија во други туристички места е многу ценета за разлика од кај нас. Но не треба да се жалиме. И охрид во последно време многу квалитативно се подобри на тој план. Нашите согледувања се дека во последните години се направени квалитетни чекори во подобрување на барменската и баристичката професија, вели Михаил Мишев, претседателот наеснаф на угостители во Охрид.
Здружението на угостители од Охрид заедно со Кластерот ЕДЕН пред неколку години направиле успешен проект преку кој обучиле околу педесетина луѓе во градов за да можат да се занимаваат со шанкерство. Заинтересираните биле подучуваани за правење коктели и кафе со што се добил кадар од триесеттина млади луѓе кои добро ги совладале тајните на барменството и баристиката. Инаку во градов нема каде да се образуваат младите кои сакаат да се занимаваат со оваа професија. Единствено во Скопје има академија за баристика каде можат да се стекнат со потребните знаења и вештини.