отец Владо: Да се постат целите Велигденски пости
Православните верници не се само еден ден, недела, месец или година христијани. Тие се цел живот христијани. Па оттука е и апелот на отец Владо Недески од дебарско кичевската епархија, кој советува оние кои одлучиле да постат, да испостат 40 денови а не само една недела, па да се причестат и да сметаат дека се им е дозволено.
Секој православен христијанин има потреба од пост, исповед и причесна. Денеска почнуваат Великите пости, познати во народот како Велигденски пости. По вчерашниот празник Прочка кога помладите бараат прошка од постарите, а сите бараат од Бог да им ги прости гревовите, денес се пристапува кон строгиот пост. Отец Владо Недески, од Дебарско – кичевската епархија нагласува дека за време на постите црквата не само што дава насоки како да се пости туку и ги укрепува верниците со Богослуженија кои се одржуваат и во утринските и во вечерните часови во црквата Св Богородица Каменско.
„Овој 40 дневен пост, Црквата утврдила, христијаните да се воздржуваат од одреден тип на храна, тоа е мрсната храна. Во оваа прва недела се пости без масло од понеделник до петок, сабота и недела е разрешено постење со масло. Разрешенија на постите имаме во два случаи за време на Велигденските пости, тоа се празниците Благовештение и празникот Цветници, кога црквата дозволува јадење на риба“
Има исклучоци од правилата кои важат за постот. Тоа се однесува на луѓето кои се занимаваат со тешка физичка работа, болните и родилките, вели отец Владо. Додава дека постот не е само телесно воздржување од храна, туку дека треба да се внимава и на духовниот пост.
„Во овој период да бидеме усрдни во молитвата, да помагаме на ближните, да се однесуваме добро односно да почниме со исчистување на нашата душа не само на телото. Значи тој духовен пост треба да биде комплементарен во синергија со телесниот да го укрепува духовниот и обратно. Говорот на омраза само не оддалечува од Бога и тогаш само номинално или формално може да се придржуваме кон одредени правила без да ја добиеме суштината, односно да ги вкусиме плодовите од тој пост“
Постот црквата го предвидела за христијаните со радост, односно благодатно да можат да го примат или дочекаат Воскресението Христово кое е празник над празниците, вели отец Владо. Тој појаснува и за исповедта како црковно правило. Според него секој православен христијанин кој живее односно се труди да живee црковен живот треба да ја практикува исповедта, што претставува очистување или нашето враќање во црквата. Инаку денеска е Чист Понеделник. На овој ден се чисти куќата, особено се внимава садовите за храна да се измијат од мрсната храна. Велигденскиот или Великиот пост, трае од Прочка до Велигден. Тука се 40 дена почнувајќи од денес па се до Лазарева сабота и уште Страстната недела од Цветници до Велигден, вкупно 48 дена. Велигденскиот пост е единствениот што има подготвителен период од неколку недели.