Skip to main content

Хаотична седница

68та седница на совет запоќна мирно ама заврши бурно. Одкога советниците Јоне Станкоски и Павел Попоски побараа дневниот ред да се дополни со уште една точка која се однесуваше на состојбата со веслачкиот клуб „Југ“, седницата зазеде поинаков тек. Многу препукувања, прозивки и барање отчет од градоначалникотможеа да се слушнат од говорницата.

 |  Јаковлева Лионела  | 

Комисијата за млади и спорт, заедно со градоначалникот Никола Бакрачески да ги разгледа случувањата со Веслачкиот клуб „ Југ“ и да предложи мерки, како Локалната самоуправа може да придонесе за спас од згаснување на најстариот спортски клуб во Охрид. Ова барање го достави советникот Јоне Станкоски на денешната, 68ма седница на совет. Toj предложи како дополнителна точка на дневниот ред да се стави и точката за добивање информација за преземените активности од градоначалникот околу случувањата и проблемите со извршителите и финансиските проблеми на веслачкиот клуб „Југ“. Станкоски посочи дека уште пред две години некои советници побарале дa се издвојат средства од буџетот на општината со кои ќе му се помогне на клубот кој уште тогаш се наоѓал во тешка материјална состојба, но ништо не се направило. Советникот тврди дека и градоначалникот бил во тек со состојбата на клубот и дека дал ветување оти ќе се заложи за негово опстојување.

Градоначалникот презеде обврска да преземе активности за средување на состојбата во веслчачкиот клуб „Југ“ кој е најстар клуб во Охрид, но денес гледаме дека тој клуб е пред згаснување. Триесет дечиња кои постојано тренираат во тој клуб од денес па понатаму не ќе можат веќе да тренираат. Наша грижа како општина и како совет е да се залагаме да опстојуваат ваквите клубови во кои ќе се развиваат таленти кои успешно ќе го преставуваат и градот и клубот, рече Станкоски.

Дискусијата зазеде замав па седницата стана хаотична. Речиси поголемиот дел од советниците излегоа на говорница барајќи да се спаси клубот кој преставува бренд за Охрид. Градоначалникот Никола Бакрачески кој беше повикан да даде информација кажа дека локаланата нема ингеренции да се меша во функционирањето на спортските клубови, невладините организации или здруженија во градов.

Јас како градоначалник постапувам по акти не по список на желби. Денес слушнавме премногу претпоставки, а премалку аргументи. Ние зборуваме за исплата на некој долг кој што не знаеме колкав е ниту по кој основ е направен. Ни една иницијатива не е поднесена кај мене во форма на предлог мерки, стратегии или планови кои би придонеле за спасување на клубот, рече Бакрачески.

Инаку, по загубениот спор со Дебарско-кичевската епархија за хангарот во кој клубот ја чува опремата, вчера, од страна на извршители беше запленета целата негова опрема. Спорот со Дебарско-кичевската епархија, на која по пат на денационализација и беше вратен објектот во сопственост, траеше четири години и е завршен во корист на тужителот.


Советниците на денешната седница покрај што дискутираа за состојбата со веслачкиот клуб „Југ“ тие  ги усвоија и предложените одлуки за извршување на буџетот на општина Охрид за 2017 година, измените на развојната програма за поттикнување на развојот на туризмот на општина Охрид за 2017 – 2019 година, за промена на трасата на линиска инфраструктура за фекална канализациона мрежа, давање согласност на Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за утврдување на висината на надоместокот на услугите што ги врши ЈП„Градски гробишта“ Охрид и за утврдување на услови за начинот на градење во село Љубаништа- Општина Охрид за кое нема урбанистички план. Од урбанистичката сфера беа донесени одлуки за утврдување потреба од донесување урбанистичко планска документација со цел вклопување на бесправно изградениот објект.