Стефаноска: Охриѓани пријавете го персоналниот данок
До денес, 6 000 охриѓани поднеле годишни даночни пријави за утврдување на персонален данок, во Даночно одделение на УЈП. Крајниот рок е до 15 март, до кога се очекува да бидат поднесени уште 15 500 годишни даночни пријави. После истекот на рокот граѓаните кои нема да ја исполнат оваа законска обврска ќе платат глоба во висина од 100 до 200 евра во денарска противредност, информираат од Даночното одделение во Охрид.
Од 1 јануари до 15 март сите граѓани кои во 2016 година оствариле некакви дополнителни приходи, кои не се плата или пензија, во УЈП треба да поднесат годишна даночна пријава за утврдување на персонален данок од доход. Раководителот на Даночно одделение на УЈП Охрид Рејна Стефаноска, вели дека сите граѓани кои не го направиле тоа да дојдат во просториите на приземје во општина Охрид и да ја исполнат својата законска обврска.
„Приходите кои како граѓанин ги остварувате во земјата и во странство се оданочуваат со персонален данок на доход со даночна стапка по која се пресметува персоналниот данок односно 10%. Годишната даночна пријава се поднесува задолжително до колку во текот на 2016 година сте издале под закуп, кирија или подзакуп стан или деловен простор, гаража, викендица, опрема и друг вид на имот“
Данок се плаќа и доколку имате склучено авторски договор или приход од авторски права, вели Стефаноска. Таа дополнува дека на данок подлежат и граѓаните кои оствариле капитална добивка од продажба на учество и недвижен имот, или пак ако е остварена добивка од игри на среќа во поголем износ од 5000 денари како што е лото и наградни игри. Стефаноска нагласи во кој случај граѓаните не се должни да поднесат годишна даночна пријава.
„Ако во текот на годината имате остварено поединечно само приход од плата, пензија или земјоделска дејност исто така и од самостојна дејност. Годишната даночна пријава образец ПДД ГДП е бесплатна и може да ја преземете преку интернет на веб страницата на УЈП или да ја побарате во УЈП даночно одделение Охрид“
Доколку до предвидениот рок не биде поднесена годишната даночна пријава, или во неа не целосно бидат пријавени приходите на граѓаните, законот предвидел глоба за направен прекршок. Таа изнесува од 100 до 200 евра во денарска противредност. До денес во Даночно оддееление Охрид поднесени околу 6 000 годишни даночни пријави, а до 15 март се очекува да бидат поденесени 15 500 годишни даночни пријави