Skip to main content

Ќе се гради повеќенаменско спортско игралиште кај економското училиште

Ќе се гради повеќенаменско спортско игралиште кај економското училиште. Градежните работи започнаа, а со тоа се отворија и повеќе прашања. Дали игралиштето ќе е од отворен карактер или ќе служи за потребите на училиштето и кој плаќа за неговата изградба се само дел од нив.

 |  Јаковлева Лионела  | 

На просторот кај игралиштето кај средното економско училиште „Св. Кирил и Методиј“ ќе се гради повеќенаменско спортско игралиште. Уште пред десеттина дена започнале подготвителни градежни работи на овој простор, а од денес се интензивираа. Ова е дел од проектот на Владата на РМ која преку Агенцијата за спорт и млади треба да изгради 100 игралишта низ државава.

Обврска на Општина Охрид беше обезбедување на локации и локациски услови и издавање на решение за градба на истото. А што се однесува до инвестицијата таа е на Агенцијата за спорт и млади. Општина Охрид ги обезбеди сите административно технички услови за изградба на ова игралиште, вели Љупчо Танески од Секторот за Комунален развој, сообраќај и патишта.

Изведувач на овој проект е ТГТ Житолог Струмица, а надзор е фирмата Зим од Скопје. Ова повеќенаменско игралиште ќе содржи еден поголем терен за мал фудбал и ракомет и два помали терени за кошарка со сите потребни реквизити за одржување на овие спортови.

Станува збор за игралиште од отворен тип и ќе можат да го користат и рекреативците и училиштето. Веројатно по изградбата на ова игралиште ќе се решава за тоа кој ќе стопанисува со него и кој ќе го одржува. Но убеден сум дека општината и средното економско училиште можат успешно да го прават тоа како не би дошло до негово уништување, вели Танески.

Динамиката со која ќе се гради игралиштето зависи од изведувачот, но интенција е тоа што побрзо да се направи и да се стави во функција.

Инаку, овој проект го поздравуваат рекреативците кои посетуваат тренинг во училишната спортска сала како и некои спортските работници, тренери и професори кои држат часови и тренираат рекреативни групи во училишната сала, но прашуваат кога и дали воопшто ќе се реконструира училишната сала која навистина е во незавидна состојба. Тие стравуваат дека градежните зафати на игралиштето дополнително ќе ја оштетат салата која е руинирана и бара итна интервенција. Од Локланата не ни одговорија на прашањето дали во нивниот план е санација на оваа спортска сала па ова прашање и понатаму останува отворено.