Општина Охрид на болницата „Св Еразмо“ ќе и даде 3 милиони денари за партерно уредување
Средствата во висина од 3 милиони денари кои општина Охрид ги издвои за партерно уредување на Специјалната болница „Св Еразмо“ се надвор од програмските активности на општината и тоа треба да се оправда, сметаат советниците од СДСМ. Наспроти тоа, ставот на Локалната самоуправа е дека општинскиот буџет тоа треба и може да го поднесе и дека одлуката комплетно законски била усогласена.
Општина Охрид од сопствениот буџет издвои 3 милиони денари за партерно уредување на специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св Еразмо“ Охрид. Тоа е надвор од програмските активности кои што се поврзани со буџетот, забележува координаторот на советничката група на СДСМ Јован Стојаноски. Тој смета дека овој проект е на Владата и на ресорното министерство за здравство кои секојдневно се фалат дека инвестираат во здравството. На Стојаноски не му е јасно како може Владата од една задолжена општина како што е Охрид да дозволи да го помага тој проект.
„Секоја одлука за инвестирање е всушност содржана во програмите. Таму вие наведувате во што ќе се инвестира во која активност. Ако имаме право да инвестираме овде тогаш ајде да инвестираме во болницата, но дали имаме на тоа право кога тоа не е градежно земјиште кое што не е во наша сопственост. Како може ние да издвоиме средства во висина од 3 милиони денари за нешто што не е во наша сопственост“
Советникот Кујтим Усеини смета дека ако треба да се издвојуваат пари за болничките установи од градов тоа треба да биде за општата болница во Охрид каде што според него сеуште на некои одделенија нема соодветни услови за пружање здравствена заштита.
„Јас би препорачал прво да ги видиме градскиве болници, како инфективни и некои останати одделенија во болницава каде што уште немаме чаршафи и ќебиња. Значи инфективно е катастрофално, и имаме многу работи во општа болница за правење, немаме канализација исчистена, немаме асфалт направено а инфективното одделение најгнасно од сите е“
Секретарот на општина Охрид Димитар Спасески, категоричен е дека од срце помагаат со свој допринос за партерно уредување на специјалната болница „Св Еразмо“ . Според него општината со еден таков гест дава свој белег кон изградбата на овој современ медицински центар кој што полека никнува на територијата на општина Охрид.
„Вие знаете дека Владата на РМ преку ресорното министерство за здравство покрај реконструкцијата на Специјалната болница, таму планирано е да биде сместен и кардиолошкиот завод така што на овој простор ќе добиеме еден силен медицински центар кој ќе биде препознатлив за градот. Ако така ги гледате работите во тој случај 3 милиони денари за уредување на просторот околку тој современ медицински центар кој ќе го посетуваат нашите сограѓани но и граѓаните од нашето опкружување, тогаш буџетот на општина Охрид може и треба да го поднесе. Инаку одлуката е комплетно законски усогласена“
Инаку предлог одлуката за инвестирање во инфраструктурно уредување на пристапот во објектот на ЈЗУ Специјална болница за ортопедија и трауматологија „Св Еразмо“, беше изгласан на последната седница на Советот, од страна на мнозинството на советниците на ВМРО – ДПМНЕ