Заживува филигранскиот занает во Охрид
Заживува филигранскиот занает во Охрид.
Во охридската чаршија заживува филигранскиот занает. Долго време недостасуваше некој да почне да се занимава со изработка на филигран, напоменува Сашо Богоески претседател на охридската занаетчиска комора. Станува збор за две девојки и едно момче помлади од 30 години, кажува Богоески.
„ Досега имавме двајца регистрирани филигранисти, а сега имаме плус 3 и многу значи. Спецификата на изработката на накитот и самиот занает дава добар напредок во занаетчиството. Со години наназад се регистрираа бербери, фризери, козметичари. Овие дејности филигранството и резбата на бакар ги имавме поретко сега има три ново регистрирани што е за пофалба“, рече Богоески.
Во охридската чаршија расте бројот и на ново регистрирани профили на занаетчии. За три месеци од 2017 се регистрирани 6 занаетчии, а само еден престанал да врши дејност. Тоа е солидна бројка во споредба со минатата година. Лани беа запишани 25 занаетчии, а 13 престанаа да вршат дејност и беше една од најслабите години со ново регистрини занаетчии , нагласува Богоески.
„ Интерес покажуваат се помлади луѓе, но има и возрасна категорија преку 50 години. Тие може да користат средства за самовработување од државата и други законски бенефиции , но има и помлади занаетчии“, кажува Богоески.
Во евиденцијата на охридската занаетчиска комора сега има регистрирани 287 занаетчии. Нивниот број за 6 години пораснал за 100 занаетчии. Охридските занаетчии со нетрпение го очекуваат да стапи во сила новиот закон за занаетчиска дејност со кој им се овозможува да ангажираат најмногу двајца калфи.