Трет ден расправа во собранието
Пратениците денеска пак ќе седнат во собраниските клупи и трет ден по ред ќе се обидат да ја завршат седницата за избор на членови и претседател на Комисијата за избори и именувања и за избор на претседател на Собранието.
Пратениците денеска пак ќе седнат во собраниските клупи и трет ден по ред ќе се обидат да ја завршат седницата за избор на членови и претседател на Комисијата за избори и именувања и за избор на претседател на Собранието.
Вчера седницата беше прекината по барање на Беса, по што имало средба на претседавачот со конститутивната седница Трајко Вељаноски со претставници од парламентарните партии и продолжението беше закажано за денеска.
Пратениците на СДСМ цело време апелираат да се премине на избор на нов претседател на Собранието. Вељаноски, по координацијата, изрази надеж дека денешниот ден ќе донесе нешто ново.
„Да имаме дебата според деловникот, почитувајќи се меѓусебно. Парламентот мора да се врати на демократските вредности“, повика пратеникот од СДСМ, Оливер Спасовски.
Дискусиите, главно на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, се сведуваат на расправа за „тиранската платформа“, за употребата на албанскиот јазик, за тоа кој е вистинскиот победник на изборите, за федерализација, за зачувување на унитарноста… На ова пратениците од ДУИ одговараат дека декларацијата, а не платформата, е напишана во Скопје и дека во неа нема ништо противуставно или нешто против унитарноста на државата, а најмалку пак нешто што би значело кантонизација или федерализација на државата.
„Заедничката декларација на албанските политички партии е потпишана во Скопје од страна на албанските партии. Таа декларација е за европска и заедничка Македонија за сите граѓани. Нејзините точки произлегуваат од нашите изборни програми и на никаков начин не удираат по унитарниот карактер на земјата, не предвидуваат на никаков начин федерализирање на земјата, ниту кантонизирање, поделба или бинационална држава”, изјави Артан Груби од ДУИ.
Пратениците на СДСМ сметаат дека со овие долги расправи, говори и реплики сами на себе меѓу пратениците на ВМРО-ДПМНЕ се прави опструкција на Собранието и на дневниот ред на конститутивната седница.
Вељаноски вели дека сѐ е според деловникот. Некој пресметал дека ваквиот начин на одолговлекување на текот на собраниската седница, користејќи го деловничкото право за реплика и контрареплика на секоја дискусија, може да ја продолжи оваа седница во наредните четири месеци.
СДСМ и ДУИ веќе поднеле предлог со 20 пратенички потписи за кандидат за претседател на Собранието да биде Талат Џафери. Тие бараат да се оди директно на гласање за избор на претседател на Собранието, а за ВМРО-ДПМНЕ овој предлог не ја исклучува веќе почнатата дискусија за избор на членови на Комисијата за избор и именувања.
Продолжението е закажано за во 11 часот.