Skip to main content

Започна обука на лични асистенти за лицата со инвалидитет од Охрид

Започна обука на лични асистенти за лицата со инвалидитет од Охрид.

 |  Валентина Неловска  | 

8 лица со инвалидитет од Охрид ќе добијат по еден личен асистент. Помошниците ќе им помагаат и ќе им го направат секојдневниот живот полесен. Меѓу овие лица кои ќе користат личен асистент е и охриѓанката Нада Јонеческа.


„ Многу сум среќна што можам да добијам ваква услуга. Со оваа асистенција ќе ми биде многу подобро. Очекувам дека животот ќе ми е исполнет и повесел. Нема да бидам сама и тажна“, вели Јонческа.

Помошниците на лицата со инвалидитет ќе треба да ги одменат членовите на нивните семејства кои се постојано покрај нив. Асистентите ќе бидат платени од државата, а за начинот на соработка меѓусебно ќе се договараат, нагласува Венко Голабоски од охридското здружение на лица со телесен инвалидитет Мобилност.

„Засега е предвидено флексибилно работно време од 20 часа во текот на неделата. Како персоналниот асистент ќе ги одработи тие 20 часа зависи од инвалидот и неговите побарувања и од меѓусебниот договор. Инвалидот се става во прв план и тој треба да ги истакне потребите“ укажува Голабоски.

Денес во рамките на овој проект се одржа работилница која опфаќа обука за корисниците и членовите на нивните семејства, персоналните асистенти, како и претставници од Центарот за социјални работи и Агенцијата за вработување. Маријана Јанковиќ, експерт за персонална асистенција од Хрватска, вели тука сме да ги чуеме потребите на овие лица.

„Потребата е голема за ваква услуга. Тие познаваат и други луѓе на кои им треба ваква асистенција. Оваа обука тече во позитивно расположение и надеж дека ќе биде имплементирана во системот за лицата со поголем степен на тешкотии на кои им е потребно “, посочува  Јанковиќ.

Пилот проектот кој се спроведува во Охрид „Услуга на персонална асистенција во Македонија“ засега опфаќа 8 лица и е поддржан од Европската унија. Корисник на проектот е Министерството за труд и социјална политика, вклучена е и Агенцијата за вработување, а провајдер е ЗТИ „ Мобилност“ . Проектот ќе се имплементира 2 месеци. Од искуствата понатака ќе зависи како ќе  се финансира проектот дали преку државните институци или на локално ниво , нагласува Голабоски од „Мобилност“. Во охридското здружение на лица со телесен инвалидитет „Мобилност“ има 140 лица со различен степен на инвалидитет. Во Македонија за прв пат се имплеменира проект за лична асистенција наменет за лицата со инвалидитет.