Skip to main content

Мониторинг Комисијата на Унеско пристигна во Охрид

Мониторинг Комисијата на Унеско пристигна во Охрид.

 |  Валентина Неловска  | 

Од 9 до 14 април во охридскиот регион ќе престојува Комисијата на Унеско. Од Националната канцеларија на УНЕСКО во Скопје не откриваат детали што се е на агендата на експертите од организацијата за заштита на светското културно наследство, но засега, неофицијално, се очекува да се врши увид во НП Галичица во однос на планираниот експресен пат до Свети Наум и ски центарот на Галичица како и Светиклиментовиот универзитет на Плаошник. Комисијата ќе оствари средби и со невладини организации.
Граѓанското здружение за заштита на животната средина Еден и граѓанската иницијатива Охрид СОС ќе бидат дел од тие средби на реактивната комисија на Унеско, информира Драгана Велковска од здружението Еден.

„ Тие сакаат да ги добијат сите факти и информации кои ние може да им ги дадеме, како резултат на нашата долгогодишна работа во регионот и се надеваме на конструктивни средби.Се надеваме Владата на РМ и надлежните општини во чија надлежност е регионот, и посебните инстиуитуции, музеите кои се одговорни за заштита, министерствата, се надеваме на резултати и нема по секоја цена да продолжат со своите замисли со кој може да не чини статусот на Унеско“, информира Велковска.

Тие веќе приготвиле извештај на 100 страници кој ќе го поднесат до реактивната комисија на Унеско. Тоа е она што го согледувале на терен и каде што имало кршење на Законите. Ова е сега повик за будење и стопирање на практиката за да се зачуваат вредностите на охридскиот регион кои се дел од културното и природното светско наследство заштитено под Унеско, додава Велковска.

„ Нашето учество на сите јавни расправи кои беа свикувани по одредени документации, за генералниот урбанистички план, за промена на планот за управување со НП Галичица, и за одредени проекти како што се случајот со хотелот во Лагадин, за кој имаме информација дека Државниот градежен инспекторат издал решение за поништување на градбата. Унеско ќе се извести за сите случувања во регионот , пропустите и негативните работи кои се случуваа во изминатиот период во однос на спроведување на законот“, кажува Велковска.

Мониторинг Комисијата на Унеско доаѓа по последната 40 седница која се одржа во јуни 2016 во Истанбул, каде што беше изразена загриженост за влијанието на планираните инфраструктурни проекти во охридскиот регион а кои истовремено го загрозуваат стаусот на регионот под капата на Унеско.