Ќе биде ли Македонија имуна на епидемијата од Морбили
Ширење на мали сипаници, морбили и епидемија од нив може да се случи и во Македонија, предупредуваат здравствените власти и епидемиолозите.
Ширење на мали сипаници, морбили и епидемија од нив може да се случи и во Македонија, предупредуваат здравствените власти и епидемиолозите. Кај нас засега нема случаи на заразени, но болеста се шири во наша близина, а многу лесно се пренесува. Во соседна Бугарија деновиве од овие сипаници почина деветмесечно бебе, а во последниот период бројот на жртви во Романија стаса до 21, пренесува порталот „Факултети“.
Во Македонија е опаднат бројот на деца кои ја добиваат вакцината против морбили, рубеола и паротит-МРП, а со зголемување на бројот на невакцинирани деца, велат здравствените власти, расте и ризикот за ширење на болеста. Имено, токму тие може да се разболат.
Давањето на вакцини кај децата се намали поради силната антивакцинална кампања. Родители или не ја даваат или ја одложуваат МРП вакцината, чија прва доза се прима на 13 месечна возраст. Вакви одлуки носат поради страв, кој го предизвикуваат информациите што ги добиваат од противниците на вакцините, кои, пак, ги поврзуваат со тешки болести и аутизам.
Светската здравствена организација предупреди да се зголеми опфатот за вакцинирање за да се создаде колективен имунитет. Во Македонија, објаснуваат од Министерство за здравство, повеќе нема колективен имунитет. Противниците на вакцините, пак, велат дека колективен имунитет не постои и дека тоа е мит.
– Ризикот е голем зашто ширење на морбили има во наша близина, а во повеќе држави од западна Европа има епидемии. Доаѓа лето и граѓаните повеќе ќе патуваат, па може да „ја увеземе“ болеста. Најчесто ни се случува на ваков начин да почнат да се шират заразни болести кај нас. Последен пат морбилите почнаа да се шират откако возрасен се зарази во странство – вели д-р Јованка Костовска, раководителка во Министерство за здравство.
Таа смета дека родители читаат несоодветни и непроверени содржини на Интернет, а на социјалните мрежи во меѓусебна комуникација шират неточни податоци. – Така МРП-вакцината ја поврзуваат со аутизам што апсолутно не е точно – додава.
Министерство за здравство предупреди дека годишно по најмалку 4.000 деца во Македонија не ја примаат МРП вакцината. Процентот на имунизација за МРП за 5 години е намален за 10 отсто. Здравствените власти велат дека се загрижени зашто повеќе земји прогласија епидемија за морбили, но и поради смртните случаи од мали сипаници. Тие се исплашени епидемијата од сипаници да не се прошири и во Македонија.
Податоците на Институт за јавно здравје за минатата година велат дека вкупниот опфат со МРП вакцина за целата држава изнесува 82,1 проценти. Понизок од 90 отсто е регистриран на подрачјата на Куманово, Крива Паланка, Велес, Гевгелија, Битола, Демир Хисар, Неготино, Кратово, Струмица, Кочани, Штип, Валандово, Кавадарци, Тетово, Гостивар, Пробиштип и Скопје.
Малите сипаници може да се поминат многу лесно, но и да предизвикаат воспаление на белите дробови, менингит, па и да бидат фатални кај организми со слаб имунитет. Тие се шират преку директен контакт и по воздухот, преку кашлица и кивање. Вирусот останува активен и заразен на инфицираните површини до 2 часа. Првите знаци на инфекција обично се висока температура и симптоми на настинка, како течење на носот. По неколку дена се појавува исип, обично прво на лицето и на вратот, а потоа по телото.
Многу од случаите на мали сипаници се откриени во земјите каде што имунизацијата е под 95 проценти – Франција, Германија, Италија, Полска, Романија, Швајцарија и Украина.