Мразот ги „попари“ земјоделците
Студеното време со ниски утрински температури под нулата што ја зафати Македонија може да предизвика големи штети кај земјоделските култури, особено кај лозовите насади, овошките и оревот.
Студеното време со ниски утрински температури под нулата што ја зафати Македонија може да предизвика големи штети кај земјоделските култури, особено кај лозовите насади, овошките и оревот.
Управата за хидрометеролошки работи соопшти дека штети се очекуваат скоро во целата држава, со исклучок на Гевгелискиот и Дојранскиот регион кои не беа зафатени со студениот бран. Оштетувања може да има и кај коскестите видови како праската која покасно цвета или кај оние видови кои имаат плодови што се во фенолошка фаза – пораст на плодот. Ова, особено важи за Беровскиот регион, кој во текот на вчерашниот и денешниот ден беше зафатен со вакви температури.
Од Управата за хидрометеролошки работи посочуваат дека во овој период виновата лоза се наоѓа во фаза на појава на ластари и почеток на појава на гроздови, така што температури околу -0,6 или -1 степен може да предизвикаат сериозни оштетувања.
Штети се очекуваат и во овоштарството, особено кај јаболчестите видови кои вообичаено цветаат во овој период и отпочнуваат со фазите на формирање на плод и развој. Големи штети се очекуваат во Охридскиот и Преспанскиот регион поради мразот.
Можни оштетувања не се исклучени и во тутунопроизводството кај одгледувањето на расадот, во градинарството на отворено и слично, додека со наврнатите над 25 литри на метар квадратен, житните култури во овој период добиле вода која им е неопходна за нормалено продолжување на вегетацијата, но во овој момент не ја решава кризата со вода, туку само ја санира за одреден период.