Одбележана 112 годишнината од херојската смрт на Христо Узунов
Институции, политичките партии и невладини организации се поклонија и ставија свежо цвеќе пред спомен-обележјето на Христо Узунов. Денес се навршуваат 112 години од смртта на овој наш голем револуционер.
Одбележана 112 годишнината од херојската смрт на Христо Узунов. Денеска пред споменикот на војводата во Градскиот парк, свежо цвеќе положија делегации на Општина Охрид, институции, политичките партии и невладини организации. Пред спомен-обележјето на Христо Узунов се одржа историски час и културно-уметничка програма.
Христо Узунов е човек кој се бореше за нашата слобода, една маркантна личност која и ден денес со гордост ја спомнуваме. Среќна сум што за неговото име и дело знаат и помладите генерации па и тие со гордост го спомнуваат, вели советничката Оливија Пирузева Јанева.
Советниците сметаат дека треба уште повеќе да се истакнува делото и значењето на Узунов кое е навистина големо за Охрид и Македонија и никогаш да не заборавиме дека тој и својот живот го даде за слободата во која живееме.
Според мене му се оддава доволно почит, но никогаш не е на одмет и нешто друго да се организира и нешто повеќе да се направи во врска со одбележувањето на годишнината од смртта на оваа голема личност за нашиот град и навистина ми е голема чест што сум и потомок на една ваква личност која што животот го жртвувала за нашата слобода и за ова што ние денес го имаме, рече Пирузева Јанева.
Чествувањето по повод 112 годишнината од смртта на Узунов беше продолжено на неговиот гроб во кичевското село Цер каде делегација положи свежо цвеќе.