Младите недоволно го препознаваат насилството во врска
Младите недоволно го препознаваат насилството во врска. Тоа го покажува досегашното истражување на Младинскиот совет од Охрид, кое го спроведуваат на целни групи од 15 до 19 години во три општини, Охрид, Ресен и Битола.
Млади девојки од општините Охрид, Ресен и Битола, деновиве во Охрид учат како треба да се одржува една врска, како и тоа да го препознаат потенцијалниот насилник во истата. Младинскиот Совет Охрид, во соработка со центарот за човекови права „АМОС“ од Битола, и младинското здружение „ФОКУС“ од Ресен, започна да го реализира проектот „Љубовни рецепти“, проект кој е и кампања за освестување на младите девојки за родовиот идентитет, како и за нивна борба против насилството, пред се во адолесцентни врски.
„Поентата ни е да знаат да влезат и да одржуваат квалитетни љубовни врски, но со препознавање на потенцијалното насилство истата да ја прекинат, бидејќи како девојки на возраст додека се тинејџерки, кога насилниците имаат поинакви облици на насилство, не го препознаваат и за нив тоа стане нормално, најголемиот проблем настапува кога тие ќе стапат во брак. Тогаш ако тие си дозволиле извесен период да бидат жртви во адолесцентната врска тогаш бегање од насилството во брак нема“
Каневче појаснува дека ги опфатиле сите теми како, Човекови права, женски права и право на живот без насилство, Љубов и врски, Род и пол, Моќ и насилство во адолесцентни врски и Вештини потребни за воспоставување и оддржување на квалитетни врски. Дел од младите дури и не ни биле свесни за појавите поврзани со темите кои секојдневно се случуваат околу нив. Каневче додава дека успеале да влијаат кај младите укажувајќи им дека додека е време можат да направат некои промени за себе, но и за друштвото околу нив. Младите пак, задоволни од досегашниот тек на проектот, велат за нив ова е една животна школа која вреди да се научи.
„Треба да сме отворени во врската, треба да зборуваме за се и сешто, да не дозволуваме некој да си поигрува со нас, да не дозволуваме некој да манипулира со нас и во никој случај да не дозволиме некој да не тепа“
Предвидено е со проектот да бидат опфатени повеќе од 150 млади, од кои над 100 девојки, а индиректно ќе се влијае на повеќе од 1000 млади, кои ќе бидат опфатени со истражувањето. Главната цел на ова истражување е да се провери зачестеноста на насилството во врска кај младите адолесценти во однос на полот. Целна група во ова истражување се млади на возраст од 15-19 години. Примерокот ќе опфати вкупно 1200 испитаници од трите општини каде се спроведува проектот. Во текот на реализацијата на кампот, учесничките ќе работат на подготовка на „љубовни рецепти“ кои ќе бидат презентирани на крајот на кампот. Проектот финансиски е поддржан од Екуменска Женска Иницијатива од Омиш, Република Хрватска.