Skip to main content

Охридските советници одлучија 300.000 денари за спас на ВК Југ

Охридските  советници   одлучија   300.000 денари за спас на ВК  Југ.

 |  Валентина Неловска  | 

Охридските советници ги вкрстија копјата на денешната седница, а спортот беше жешката тема на расправа. Советниците беа едногласни во одлуката за исплата на долгот на ВК Југ по основ на правосилни извршни исправи. Беа одобрени 300.000 денари за спас на најстариот градски веслачки клуб Југ.

„По 3 години борба во советот успеавме да ги убедиме градоначалникот и советниците дека ВК Југ треба да живее заради оние кои тренираат. Еден дел од долгот да ги покриеме сега, а дел во текот на 2017 да се доисплатат“, напомена Станкоски.
Додека советниците од опозицијата дискутираа дека ако се интервенирало пред 3 години немало да се дозволи долгот да нарасне на 1, 2 милиони денари по основ на загубениот спор со МПЦ, секретарот Димитар Спасески се огради од одговорност за настанатата финансиска состојба на ВК Југ.

„ Ние како ЛС на почетокот од годината не го предвидовме во буџетот ВК Југ, но направивме напори да помогнеме за функционирање на ВК Југ иако не сме учествувале во одведување на клубот во сериозната состојба, а го почитуваме она што ќе го ветиме“, рече секретарот Спасески.
Се слушнаа апели на дел од советниците навреме да се уплатат 300.000 денари, а црквата, адвокатот и извршителот како општествено одговорни субјекти да се откажат од побарувањата за да се спаси веслачкиот клуб Југ.

Советникот Павел Попоски предложи во иднина во буџетот на оштината да се издвојуваат и повеќе пари за развој на спортовите во Охрид.
Се разви дискусија и во насока на докажување кој е поголем поддржувач на спортот во Охрид.

Советниците од позицијата изгласаа одлуки за издвојување пари за поддршка на ракометниот клуб и за организирање на летен фудбалски камп Барселона 2017. Дел од советниците од опозицијата, пак, како што рекоа, се прашуваат зошто финансиски не се поддржуваат и другите спортови, туку само ракометниот клуб. Тие секогаш даваат поддршка за развој на спортот во Охрид, а сега се чувствуваат деградирано како советници затоа што не добиле писмен извештај во кој се наведени релевантни податоци од оправданоста на проектот како што е летниот фудбалски камп.

„Ќе бидеме воздржани од аспект како ќе се распоредени од финансиски аспект инвестициите. Ако добиеме писмен извештај ќе дадеме понатка поддршка заради долготрајно воспоставување на односи со фудбалскиот камп Барселона“, напомена Стојаноски.

Позицијата образложи дека со летниот фудбалски камп Барселона 2017, Охрид добива уште една голема можност за развој на спортскиот туризам. Како еден од најупешните клубови во градот го посочија РК Охрид и затоа ја има поддршкатана ЛС. Советниците ги изгласаа одлуките за одобрување на финасиски средства во висина од 4, 5 милиони денари за РК, а 1 милион денари за одржување на летниот фудбалски камп Барселона 2017.